2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАФондот директно ќе ги контролира хронично болните

Фондот директно ќе ги контролира хронично болните

hronichno-bolni

Фондот за здравство од 1 октомври почнува со директна комуникација со осигуреници кои се хронично болни од кардиолошки, бубрежни заболувања и дијабетес, преку кол центар во фондот со телефонски јавувања, смс пораки и е-пошта.

„Проектот на Владата, „Фондот се грижи за хроничните болни“ кој предвидува вклучување на вработените од фондот во грижата на хронично болните, одлучивме да го започнеме порано од предвиденото, бидејќи се исполнија дел од потребните предуслови. Еден од нив беше изработката на нов софтвер во Фондот за превентивните мерки и активности кај избраните лекари, а со истиот се овозможи евидентирање на осигурениците со хронични болести. Избраните лекари во информатичкиот систем на фондот внесоа 154.531 осигуреник со дијабетес, кардиолошки и бубрежни заболувања“, рече директорот на Фондот, Сашо Стефановски.

Предвидени се 10 тима вработени од Фондот кои активно ќе се вклучат во грижата за осигуреници со хронични заболувања на тој начин што ќе ги потсетуваат овие лица за сите потребни прегледи кои треба да се извршат во текот на годината на примарно и секундарно ниво.

Тимовите се составени од вработени од поголемите подрачни служби како што се Скопје, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Велес и Куманово.

„Комуникацијата со нашите осигуреници ќе се одвива преку телефонски јавувања, смс пораки и е-пошта. Истовремено, ја земаме предвид и возраста на осигурениците кои ќе ги контактираме и затоа со повозрасната група осигуреници комуникацијата ќе се одвива телефонски, а со помладите осигуреници комуникацијата ќе се одвива и преку е-пошта и смс“, додаде Стефановски.

Намерата е со константно јавување и потсетување, да се убедат овие лица, редовно да примаат терапија, да прават редовни контроли, едноставно да прифатат дека болеста иако во моментот не им предизвикува тежина во секојдневието, доколку не се грижат за своето здравје, редовно не вршат контроли и не се дисциплинирани во примањето на терапија, во иднина може да имаат сериозни последици како што се срцеви и мозочни удари, дијализа.

Овие лица покрај главната терапија потребно е да се придржуваат на неколку основни постулати: здрава исхрана, редовна физичка активност, здрави навики, почитување на препораките на докторите. Дека тоа е можно, доказ се 448 осигуреници над 91 година старост кои се хронични пациенти со дијабетес, кардиолошки и бубрежни болести.
Податоците покажуваат дека 154.531 осигуреници кои се 9,4 проценти од популацијата која избрала матичен лекар имаат едно од овие три хронични заболувања, додека од нив 24.461 истовремено имаат две или три заболувања, а тоа се 15 проценти од сите хронично болни.

Најбројни се хронично кардиоваскуларните заболувања со заболени 96.305 лица, потоа следат лицата со дијабетес кои се 77.885 на број и 4.802 лица со нефролошки заболувања.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП