7 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДоделени признанијата за најуспешните туристичко угостителски субјекти

Доделени признанијата за најуспешните туристичко угостителски субјекти

незири-туризам

Во комплексот „Македонско село“ во Нерези со пригодна церемонија, во недела беше одбележан 27 Септември – Светскиот ден на туризмот.

Министерот за економија Беким Незири, кој ја отвори свеченоста, истакна дека туристичкиот сектор глобално има голема динамика, која бара брзи реакции и одговори на сите предизвици и прашања.

„Во услови на економска криза, која е веќе подолго време присутна во светски рамки, а чии последици се почувствуваа во туризмот во изминатиот период, Владата на Република Македонија донесе неколку добри и сè уште активни мерки кои придонесоа да се намали ризикот од кризата, но и македонскиот туристички производ да се направи поконкурентен на пазарот. Мерките како: субвенционирање на организираниот странски туристички промет, намалувањето на стапката за ДДВ од 18 на 5 отсто во сместувачките услуги, како и засилената промоција на Македонија како туристичка дестинација се покажаа квалитетни за севкупното зголемување на туристичкиот промет во државата“, рече Незири.

Како резултат на сето ова, посочи министерот за економија, имаме континуиран раст на бројот на туристи во Македонија, при што во периодот јануари – јули 2015 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на туристите е зголемен за 7,9 отсто, а бројот на ноќевањата е зголемен за 4,8 отсто.

Директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот во Македонија, Кристијан Џамбазовски, рече дека овие показатели се резултат на сè поагресивната кампања од страна на Владата и Агенција за промоција и поддршка на туризмот, како што се активно учество на меѓународни саеми, организирање на информативни патувања на странски туроператори и новинари, презентации во странство, организирање на денови на македонски туризам, како и медиумска кампања, со што Македонија веќе се открива како атрактивна туристичка дестинација.

„Исто така, континуирано се работи на реализација на проектите за поддршка на туристичките продукти, нивно зголемување и осовременување. Доказ дека сите овие активности се во вистинска насока е и статистиката според која во последните 8 години бележиме раст на посетеноста од странски туристи за повеќе од 100%. Доколку се продолжи со овој тренд на зголемување очекувањата се до 2020 година бројот на туристи да биде 1 милион со остварени 3 милиони ноќевања. Бројот на патници на скопскиот и охридскиот аеродром е во пораст благодарение на чартер летовите и на 33те директни линии до најзначајните европски дестинации“, истакна Џамбазовски.

Одбележувајќи го овој светски настан, кој се одржува под глобалното мото „Милијарда туристи, милијарда можности“, Министерството за економија, според предлозите направени заедно со туристичките здруженија и комори, извештаите од АППТРМ за доделени субвенции, како и на комисиите кои работат на категоризација на хотели, ресторани и лиценцирање на туристички агенции, и годинава додели признанија за најуспешните туристичко-угостителски субјекти, при што акцентот беше ставен на инкаминг туристичките агенции, хотелиерите, рестораните и туристичките настани, а од оваа година се воведе уште една категорија – најдобро уредена плажа покрај езерата во Република Македонија – имајќи предвид дека и овој сегмент придонесе за подобрување на годинешната туристичка понуда.

Министерот Незири ги додели наградите во првите три категории, при што во категоријата „Најуспешни хотели во претходната година“, со признанија се закитија Холидеј ин – Скопје, Инекс Горица – Охрид, Аурора Ресорт & Спа – Берово, Буши Ресорт & Спа – Скопје, додека во категоријата „Нова туристичка понуда во делот на хотелиерството“, признанија освоија хотелите Изгрев – Струга, Русија – Скопје, Ибис – Скопје и Мираж – Струга. Од туристичките агенции најсупешни беа Карачи, Фибула ер травел, Вардар Експрес, Ториа и Атлас корпорејшн, сите од Скопје.

Директорот на АППТРМ Џамбазовски им додели признанија на најдобрите туроператори, и тоа АСА туроператор и ВАС –ТУР, обата од Скопје, како и најуспешните ресторани: Воденица – Скопје, Стара Куќа – Скопје (прв Национален ресторан со ознака Меана), Стоби – Градско, Твинс- Скопје и Артени – Гостивар.

Државниот секретар на Министерството за економија Анета Димовска ги врачи признанијата на најдобрите манифестации, и тоа Звуците на чаршијата – Скопје, Фестивал „Охридско лето“, Фестивал „Браќа Манаки“ – Битола, Тетовско културно лето и Скопско културно лето, а признанијта за најдобро уредена плажа ги добија Општина Дојран, Општина Ресен, Голден Бич -Охрид, хотел Дрим – Струга и Версус од Струга.
Надвор од официјалните категории, министерот Незири додели и две признанија за
успешно завршена работа, и тоа на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот и на Секторот за туризам и угостителство при Министерството за економија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП