4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСтаврески: Развоен Буџет за 2016 година со раст на БДП од 4...

Ставрески: Развоен Буџет за 2016 година со раст на БДП од 4 отсто

stavreskipreskonf5454

Зголемување на парите наменети за капитални инвестиции, но и за зголемување на пензиите и социјалната помош, предвидува Владата со новиот Буџет за 2016 година, кој е проектиран на ниво од 2.875.000.000 евра.

„Нашите проекции се намалување на буџетскиот дефицит од 3,6 отсто оваа година на 3,2 проценти за следната година и второ, зголемување на средствата за капитални инвестиции, односно покачување на пензии и социјална помош за 5 отсто и значително зголемување на капиталните инвестиции со цел да се поттикне развојната компонента на Буџетот“, рече министерот за финансии и вицепремиер Зоран Ставрески, при претставувањето на Буџетот за 2016 година, кој Владата го донела на синоќешната седница.

Според него, макроекономскиот амбиент којшто е проектиран за следната година вклучува пораст на бруто домашниот производ од вкупно 4 проценти и одржување на умерено ниво на инфлација од 2 проценти.

„Македонската економија е жилава, а тоа покажува дека основните политики се добро поставени и дека може да се справи со одредени ризици и може добро да одговориме на тие ризици. Оттаму нема ни една причина да не веруваме дека растот од 4 проценти за следната година е реален, посебно имајќи предвид дека ќе продолжи политиката на поддршка на тој раст преку капителаните инвестиции и од аспект на приходната и расходната страна ќе обезбедиме доволно средства за ангажман на домашните фирми што се во градежништвото, но и 25 други гранки што работат со нив. Градежништвото заедно со индустријата и нето извозот ќе бидат носители на растот во 2016 година“, рече Ставрески.

Вкупните приходи за следната година се планирани на ниво од 176.804.000.000 денари или речиси 2.875.000.000 евра , што е за 6 проценти повисоко отколку 2015 година или во пари 9.962.000.000 денари. Расходите се позиционирани на ниво од 195.788.000.000 или нешто повеќе од три милијарди евра, што е зголемување за 4,7 проценти во однос на 2015 година.

„Ваквиот соодност, односно поголемиот раст на приходите, во однос на расходите ќе допринесе за намалување на буџетскиот дефицит до ниво од 3,2 проценти или во пари 18.984.000.000 денари“, рече Ставрески.

Даночните приходи во Буџетот за 2016 година се планирани со раст од 6,5 отсто или да достигнат 101.531.000.000 денари, неданочните и капиталните приходи се предвидува дека ќе остварат 9.633.000.000 вкупен износ. Придонесите е планирано да се зголемат за 4,2 проценти и да достигнат ниво од 49.187.000.000 денари. На сопствените сметки буџетските корисници ќе остварат 15.553.000.000 денари.

„На расходната страна се две значајни политики тоа е зголемување на пензиите за 5 отсто, коешто ќе се реализира од септемвриската пензија што ќе се исплати во октомври 2016 година. Тоа подразбира дополнителни средства за тие три месеци од 611 милиони денари, но тој ефект ќе се пренесе и врз буџетот за 2017 година. Социјалната помош ќе се зголеми за 5 проценти почнувајќи од јуни 2016 година, за што се потребни дополнителни 218 милиони денари“, рече Ставрески.

За платите се предвидени 25.906 милиони денари, што е за 3,3 проценти повеќе од 2015 година. Кај стоките и услугите планирано е да изнесуваат нешто повеќе од 19 милијарди денари, при што се обезбедени и средства за изборите во април 2016 година.

Трансферите се планирани на ниво од 119 милијарди денари, тука влегува зголемувањето на пензиите и социјалната помош, има значајно зголемување на парите за здравствена заштита, со цел да се подобрат здравствените услуги, 1.334.000.000 денари е зголемувањето. Зголемени се и трансферите за локалната самоуправа со цел да се поддржи рамномерниот регионален развој. Субвенциите за земјоделството ќе изнесуваат 141 милион евра.

Кај капиталните расходи, нивото за 2016 година е планирано на 25.092.000.000 денари, што претставува зголемување од 12,9 отсто во однос на 2015 година, или речиси три милијарди повеќе за реализација на инфраструктурни проекти. Некои од најзначајните се Коридорот 10 кој треба да се заврши накрајот на 2016 година, за кој се наменети повеќе од 3,5 милијарди денари. За инвестиции во железничката инфраструктура наменети се над две милијарди денари. За гасификацијата се предвидени 408 милиони денари, за социјални станови наменети се 304 милиони денари, има зголемување кај парите за медицинска опрема или 197 милиони денари, за реконструкција и доградба на здравствени установи како клиниката во Штип и во Скопје, над милијарда денари. За клиничка болница Тетово и општата болница во Кичево и Чаир 126 милиони денари, инвестиции во основни и средни училишта, студенстски домови 839 милиони денари, инвестиции во универзитетите 903 милиони денари, за спортски објекти 409 милиони денари, речиси две милијарди денари за рурален развој, за реконструкција на затворите 265 милиони денари и друго.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП