17 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНа Волстрит пад поради економските слабости

На Волстрит пад поради економските слабости

wall str3020

На Волстрит во средата цените на акциите паднаа, најмногу во рударскиот и во енергетскиот сектор, поради падот на цените на сировините, бидејќи слабите показатели од САД и Кина дополнително го зајакнаа стравувањето од забавување на растот на глобалната економија.

Индексот Dow Jones падна за 0,31 отсто, на 16.279 поени, додека S&P 500 се лизна за 0,20 отсто, на 1.938 поени, а индексот Nasdaq се намали за 0,08 отсто, на 4.752 индексни поени.

На Волстрит во средата се тргуваше несигурно поради новите сигнали за забавување на растот на најголемите светски економии.

Според извештајот на компанијата „Markit“, PMI индексот на производствениот сектор во САД останал непроменет во септември во однос на претходниот месец, на 53 поени, најниското ниво во последните две години. Бидејќи овој индекс се движи над 50 поени, тоа укажува дека производствената активност расте, меѓутоа сé побавно.

Од друга страна, пак, во Кина активноста во производствениот сектор паднаа на најниското ниво во последните шест ипол години, што ги поддржа стравувањата од слабеење на побарувачката, како на самиот кинески пазар, така и во светот.

Индексот S&P 500 се проби во еден момент во позитивната област, откако кинеските власти порачаа дека се способни долгорочно да одржуваат релативно висока стапка на раст, но ентузијазмот на пазарите набрзо спласна.

И во средата, втор ден по ред, најмногу паднаа цените на акциите во рударскиот сектор, за 2,1 отсто, што е последица од падот на цените на металите, како што се бакарот и алуминиумот, поради стравувањата на вложувачите од слабеење на побарувачката, имајќи го предвид забавувањето на растот на кинеската економија, најголемиот светски потрошувач на сировини.

Со пад од 1,4 отсто следи енергетскиот сектор, кој се најде под притисок на падот на цените на нафтата на американскиот пазар за 4 отсто.

Сезоната на објавување на деловните извештаи на американските компании за третиот квартал започнува за две седмици, а во анкетата на Reuters аналитичарите проценуваат дека добивките на компаниите од составот на S&P индексот паднала за 3,9 отсто во однос на истиот период минатата 2014 година.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП