3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАРасте цената на нафтата, САД ги засени слабите податоци

Расте цената на нафтата, САД ги засени слабите податоци

olo

Цената на нафтата порасна на светските берзи кон 50 долари за барел, со оглед дека падот на американските залихи на сирова нафта ги засени слабите макроекономски податоци од Кина.

На лондонската берза цената на барелот порасна за 30 центи во однос на претходното затворање и изнесуваше 49,38 долари. На американската берза со барелот се тргуваше по 40 центи повисока цена, од 46,76 долари.

Американскиот институт за нафта (API) извести во вторникот дека комерцијалните залихи на сирова нафта се намалени во минатата недела за 3,7 милиони барели. Во клучниот нафтен јазол Кушинг паднаа за речиси 500.000 барели.

Иако вкупните залихи во САД сѐ уште се на рекордно ниво, минатонеделниот пад наведува на заклучок дека конечно изутрината започна процесот на врамнотежување на најголемиот пазар на нафта и дека производството започна да се намалува под влијание на пониските цени.

Податоците од САД го потиснаа во втор план силниот пад на активностите во кинеската индустрија во септември, искажан преку падот на индексот на менаџерите за набавка во производниот сектор на најниско ниво од шест ипол години. Овој податок ги одврати инвеститорите од ризични имоти на азиските пазари, а трендот би можел да се прошири  и на останатите светски пазари.

Вниманието сега се врти кон официјалните податоци за неделните американски залихи за да се потврдат шпекулациите за нагорниот тренд на цената на нафтата. Извештајот ќе биде објавен во текот на денот.

„Ако американската влада попладнево го потврди падот на залихите на сирова нафта во минатата недела, цената уште повеќе ќе порасне. Очекувањата за повисоки цени се сосема логични“, толкува Тамаш Варга од лондонски PVM Oil Associates.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП