Цените на акциите на европските берзи денеска пораснаа, откако во претходниот ден паднаа на најниско ниво за последниот месец, а најмногу закрепнаа енергетскиот и рударскиот сектор.
FTSEurofirst индексот на 300 водечки европски акции беше во 11.30 часот во плус 0,5 отсто, на 1.373 поени, откако вчера потона 3,3 отсто, спуштајќи се на најниско ниво за последниот месец.
Лондонски FTSE истовремено беше во добивка 1,20 отсто, на 6.009 поени, додека франкфуртски DAX порасна 0,95 поени, на 9.664 поени, а париски CAC порасна 1,0 отсто, на 4.472 поени.
Најмногу за 1,3 отсто, пораснаа цените на акциите во енергетскиот сектор, што се должи на растот на цената на нафтата. Со оглед дека пораснаа и цените на другите сировини, рударскиот сектор зајакна за 1 отсто.
„Ова е изненадувачки, со оглед на разочарувачките вести од Кина, но се чини дека лошите показатели од тората по големина светска економија веќе се вкалкулирани во цените на сировините“, вели Маркус Хубер, аналитичар во компанијата Peregrine&Black.
Според објавените податоци на компанијата Markit, PMI индексот на производствена активност во Кина во септември паднал од 47,5 на 47 поени, најниско ниво за шест ипол години.
„Општите позитивни економски фундаменти и лабавата монетарна политика на централните банки им даваат поддршка на берзите“, смета Хубер.
Денеска закрепнува и цената на акцијата на Volkswagen, па моментно е во плус околу 1 отсто, иако на почетокот на тргувањето беше во минус 10 отсто.