20 април, 2024
ПочетнаИНТЕРВЈУИнтервју со Сеад Кочан, Генерален директор на Трансмет ДОО

Интервју со Сеад Кочан, Генерален директор на Трансмет ДОО

se

ИНВЕСТИЦИИТЕ ВО ИНФРАСТРУКТУРАТА СЕ И ЌЕ БИДАТ КЛУЧ ЗА ЕКОНОМСКИОТ РАЗВОЈ

 “Со изградбата на крупните инфраструктурни проекти се очекува да се зголеми конкурентноста на домашната економија, да се забрза транспортот, да се намалат трошоците, позитивно ќе влијае и на трговската размена, а покрај ангажирањето на голем број работници, ќе го зголеми и ангажманот на други индустрии”, вели Сеад Кочан, Генералниот директор на Трансмет

 

Денар: Г-не Кочан, со оглед на фактот дека доаѓате од градежната сфера, како и Вашиот ангажман во Сојузот на стопански комори, сосема сте квалификуван и релевантен да ги коментирате случувањата во оваа индустриска гранка кај нас. Како Вие ги квалификувате состојбите во градежништвото во Македонија?

Изминативе години покажаа дека градежништво, во целина, е моторот на македонското стопанство и тоа е повеќе од јасно. Тоа се покажа прилагодливо на предизвиците на пазарот, инвестициски и развојно ориентирано, потентно и во капацитет и по експертиза, ангажирајќи голема работна сила, а со тоа и поддржувајќи го социјалниот момент.

Само за илустрација, во моментот се градат неколку големи капитални инфраструктурни инвестиции, како што се автопатските делници кои се од исклучително значење за државата од секој аспект, потоа се интензивираат активностите на неколку регионални и магистрални патишта, се работи на големи деловни и резиденцијални објекти, сето ова се индикатори дека градежната индустрија е во добра кондиција. Со сите овие активности, пак, се отвораат нови работни места, се генерира дополнителен раст. Директно и индиректно врзани за градежниот сектор, се зајакнуваат и неколку други индустрии, сеедно дали од производствениот сегмент или од услужните дејности. Сето ова може да ни даде за прво да констатираме дека градежништвото е сектор кој и понатаму останува да биде предводник на македонската економија

sea

Денар: Како ја оценувате кондицијата на домашниот приватен сектор, имајќи ги в предвид турбулентните случување во светската и европската економија во изминатиот период? Каде е Македонија во овие рамки? 

Добрите состојби во градежната индустрија имаат сериозно влијание врз кондицијата на домашниот приватен сектор. Познавајќи ги приликите, ќе си дозволам да констатирам дека приватниот сектор е во солидна кондиција, со оглед на тоа што ударите од кризните состојби во европските економии сèуште се чувствуваат, па дури и во некои од земјите на Европската унија. Тука морам да нагласам дека за време и по кризата, македонската држава, со своите политики, се потруди и направи повеќе законски и други решенија за да се амортизира ударот од кризата за домашните компании. Односно, да го ублажи, да се исконтролираат некои состојби, да не биде со толкав интензитет, како што можеби беше очекуванo и разбирливo да се случи.

 

Денар: Инвестициите се главниот замаец на економијата. Каде ги гледате светлите точки и дали во Македонија тоа се капиталните инфраструктурни проекти?

Со ризик да бидам погрешно разбран, но циклусот на капиталните инфраструктурни проекти се нешто што најдобро и се случува на Македонија во последниве децении. Со секоја почит кон инвестициите во другите сфери и индустрии, развојот на претприемачкиот дух и охрабрувањето да се инвестира во каков било бизнис, но инвестициите во капиталните и во инфраструктурните проекти се она од што секој ќе има непосреден бенефит – од обичниот граѓанин на оваа држава, до сопствениците на бизниси.

Без многу непотребно мудрување, и во изминатиот и во периодот кој претстои, инвестициите во инфраструктурата ќе бидат клуч за економскиот развој. Пред се, меѓудругото, тука сметам на изградбата на новите автопати со што се очекува да се зголеми конкурентноста на домашната економија, бидејќи ќе се олесни и ќе забрза транспортот и во крајна линија, ќе се намалат трошоците. Сето ова носи големи придобивки за македонската економија. Конечно, изградбата на крупните инфраструктурни проекти, покрај ангажирањето на голем број работници и ангажман на други индустрии, позитивно ќе влијае и на трговската размена.

 

Денар: Вашата компанија Трансмет е една од ретките македонски приватни компании која влегува во голем проект со Јавно-приватно партнерство. Што, во суштина, претставува новиот деловен и трговски објект Емпорио кој што се гради во Општината Ѓорче Петров?

Јавно-приватните партнерства се честа форма на финансирање на голем број проекти во Европската Унија, пред се поради големиот број придобивки и за јавниот и за приватниот сектор. Ваквите партнерства овозможуваат забрзана изградба на инфраструктурата, побрза имплементација на проектите и нивна зголемена ефикасност, создавање на дополнителни приходи за приватниот сектор, а намалување на трошоците за јавниот партнер, како и подобрено и поквалитетно управување со јавните услуги. Ова наше партнерство со општината Ѓорче Петров е прво од ваков тип за општината.

Емпорио ќе биде современ трговски и бизнис центар што во себе ќе опфаќа повеќе сегменти што ќе ги задоволат потребите на општината и потребите на компаниите кои ќе бидат дел овој центар. Објектот ќе биде на шест надземни и две подземни нивоа, со подземен паркинг со капацитет од вкупно 350 паркинг места. Во негов состав ќе биде новата зграда на Општината, која што ќе се простира на површина од 3.600 метри квадратни, со сопствени 40 паркинг места. Новата општинска зграда ќе биде модерна, енергетски ефикасна и економична деловна зграда која воедно ќе биде една од најсовремените општински згради во државата. Кога станува збор за деловниот центар, меѓу останатото, таму за компаниите ќе се нудат услуги и логистичка поддршка кои во моментов не се достапни во сличните центри низ Македонија. Центарот ќе располага и со целосно опремени канцеларии за ИТ компании и за кол центри што имаат високи и растечки стандарди.

sead

Денар: Што ќе донесе блиската иднина, веќе во следната година, во македонската економија? Кои се Вашите очекувања?

Со оглед на индикаторите и сето она што погоре го споменав, за очекување е дека македонската економија ќе продолжи да расте, дека ќе продолжи да го држи континуитетот на нагорна линија.

Најавите за продолжување на стабилната политика во однос на капиталните инвестиции може само да придонесе во следните три-четири години да продолжи стабилниот раст. Тука особено мислам на градежниотсектор и другите ангажирани индустрии во нискоградбата, со изградбата на автопатиштата, регионалните и брзите сообраќајни комуникации.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП