16 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАОстар пад на азиските берзи поради лошите вести од Кина

Остар пад на азиските берзи поради лошите вести од Кина

berza azija093

На азискиот берзи цените на акциите денеска претпладне остро паднаа по вестите дека активноста во производствениот сектор во Кина паднала на најниското ниво во последниот шест ипол години, што укажува на брзото забавување на растот на втората според обемот светска економија.

Берзанските индекси во Сингапур, Јужна Кореја, Шангај и Хонгконг во утринското тргување беа во негатива меѓу 0,7 и 2,9 отсто. Во Јапонија поради празник, берзите на работат. Така, MSCI индексот на азиско-пацифичките акции, без јапонските, утрово беше во загуба од 2,0 отсто.

На продажбата на акциите, азиските вложувачи ги наведе извештајот кој покажува дека растот на кинеската економија забавува побрзо отколку што се очекуваше. Според податоците на компанијата Markit, индексот PMI на производствените активности во септември паднал од 47,5 на 47,0 поени, што е најниското ниво во последните шест ипол години.

Така, PMI индексот веќе седми месец по ред останува под нивото од 50 поени, што укажува на слабеење на активностите во кинеската економија. Тоа е последица од падот во речиси сите компоненти на PMI индексот, што укажува на слабоста, како на домашната, така и на странската побарувачка, а поради падот на нарачките кинеските компании го намалуваат производството, цените и бројот на вреботените.

Растот на кинеската економија веќе подолг период е забавен, бидејќи власите настојуваат да го трансформираат моделот зависен од тешката индустрија и извозот, кон економија со посилни услужен сектор и посилна домашна побарувачка. Меѓутоа, последните месеци растот на економија забавува побрзо отколку што се прогнозираше, па многу аналитичари сега проценуваат дека во тековното тримесечје растот на бруто домашниот производ (БДП) ќе биде помал од 7 отсто, првпат од глобалната финансиска криза во 2008 година.

Азиската развојна банка во вторникот ја намали проценката на растот на кинеската економија за 2015 година на 6,8 отсто.

„Кинескиот индустриски сектор загрижува, бидејќи поголемиот пад на активностите од очекуваното покажува дека економијата сé уште не ги надвладеала проблемите. А минатонеделните пораки на американската централна банка окажуваат дека и таа е загрижена поради влијанието на Кина на растот на светската економија“, вели за Reuters Таи Хуи, стратег во фондот „JP Morgan Asset Management“.

Иако уште во вторникот акциите на Волстрит паднаа за повеќе од 1 отсто, американските термински индекси во средата утрото се лизнаа по вестите од Кина за дополнителен 1 процент, што дополнително ги обесхрабри азиските инвеститори.

Лошо на пазарите влијае и нерешителноста на американската централна банка. Иако таа минатата седмица го одложи зголемувањето на клучните каматни стапки поради несигурноста во врска со глобалната економија, овие денови нејзините челници повторуваат дека до крајот на годинава зголемувањето на каматите, сепак, е можно.

А на валутните пазари претпладнево зајакна јапонскиот јен, бидејќи инвеститорите поради остриот пад на акциите бараат сигурно засолниште за капиталот во инвестициите кои ги сметаат за посигурни во несигурните времиња.

Така, курсот на американскиот долар се лизна на 119,70 јени, додека во вторникот во истиот период од денот изнесуваше 120,35 јени. Меѓутоа, во однос на европската, американката валута зајакна, па цената на еврото падна од вчерашните 1,1215 на 1.1140 долари, близу најниското ниво од почетокот на септември.

А по падот од вторникот, во средата претпладнето цените на нафтата малку пораснаа. На американскиот пазар цената на барелот зајакна за 0,5 отсто, на 46,55 долари. На лондонскиот пазар, пак, цената на барелот е поголема за 0,3 отсто, 49,20 долари.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП