3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНова инвестиција во автомобилската индустрија во Македонија

Нова инвестиција во автомобилската индустрија во Македонија

grujo-odv

Објектот во кој ќе се произведуваат компоненти за автомобили, инвестиција од 15 милиони евра, на германската компанија „ОДВ Електрик“ започна да се гради во вторникот во ТИРЗ Охрид/Струга.

Погоните ќе се градат во две фази, а во фабриката којашто треба да биде завршена до јуни 2016 година, ќе бидат создадени околу илјада нови работни места.

На почетокот на изградба на објектот присуствуваа премиерот Никола Груевски, вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, директорот на Дирекцијата за ТИРЗ Виктор Мизо, директорот на „ОДВ Електрик“, Лудвиг Батон и германската амбасадорка Кристине Д. Алтхаузер.

Владата, рече премиерот Груевски, подолг период интензивно работи на подготовка на соодветна бизнис клима која ја стави државата на мапата на странски компании заинтересирани за проширување на своите бизниси.

„Инвестициите како оваа денеска го потврдуваат успехот на имплементираните проекти и мерки чија намена беше токму привлекување на гиганти како „ОДВ Електрик“ во Македонија. Со денешното поставување на камен темелникот на новата фабрика Македонија добива нова голема инвестиција од автомобилската индустрија“, рече Груевски.

Според претседателот на владата, новиот производствен капацитет ќе донесе нови технологии и знаења од автомобилската индустрија кои ќе бидат значајни за развој на индустриското производство. „Фабриката ќе придонесе и кон зајакнување на извозот бидејќи сите производи се наменети за странски пазари“, посочи Гуревски

„ОДВ Електрик’ во моментов работи во браунфилд објект во Охрид, каде што пред една година почна со работа, а регрутира вработени и испрати голем број вработени на обуки, постепено почнува да го зголемува бројот на вработени.

„Деловите што ќе се произведуваат во ‘ОДВ Електрик’ ќе се продаваат во речиси сите земји во Европската унија и во Кина. Најголем нивен купувач во овој момент е „Фолксваген“ со опрема за сите модели, како од ‘поло’, ‘пасат’ ‘шкода’, ‘бентли’…, а нивните делови ги користи и компанијата ‘Лада’. Ќе има сериозен извоз од Македонија, ќе започнат со десеттина милиони евра, ќе има и сериозен износ на додадена вредност тука во Македонија од неколку илјади евра“, рече Груевски.

Потсети дека со најавената инвестиција на компанијата „Костал“, која исто така предвидува илјада вработувања, ќе значи големо раздвижување на пазарот на трудот во охридско-струшкиот регион, и оцени дека овој регион одамна не забележал ваков подем.

„Со влезот на овие две компании. можностите за работа на жителите на регионот ќе бидат значително зголемени. Тоа директно ќе се одрази на подобрување на животниот стандард и финансиската сигурност на граѓаните. Тоа се нашите приоритети кон кои и понатаму ќе продолжиме неуморно да работиме“, нагласи Груевски и најави дека Владата ќе ја продолжи својата програма и активни мерки за промовирање на инвестициските поволности што ги нуди земјата.

„Досега успеавме да изградиме имиџ на топ бизнис дестинација која нуди пристап до европскиот пазар, образована работна сила и одлични услови за почнување и развој на бизнисите. Тоа резултираше со многу реализирани инвестиции и најава на уште многу други“, рече Груевски.

Очекува дека инвестициски бран ќе следи и идната година, и оти тој ќе донесе нови фирми подготвени да отворат свои производствени капацитети, а со тоа и дополнителни работни места, како во претходно отворените капацитети во индустриските зони на реномираните светски компании како „Џонсон Контролс“, „Џонсон Мети“, „Ван Хул“, КСС, „Вистеон“, „Диатекс“, „Продис“.

Лудвиг Батон, директорот на „ОДВ Електрик“, рече дека компанијата почна со тест производство на три линии во три смени во постојниот објект. Одлуката да инвестира во Македонија ја донеле поради подготвеноста на македонската влада да создаде предуслови поволни за инвеститорите.

„Фабриката ќе се простира на површина од 5.000 метри квадратни со канцеларии, складишта и инфраструктура. Во првата фаза фабриката ќе има капацитет од 500 вработени, а во втората планираме да го удвоиме производствениот капацитет со што ќе дојдеме до бројка од илјада вработени. ОДВ Електрик има амбициозни планови во Македонија со тоа што планираме да го зголемиме производството, да понудиме различни производи и да пренесеме нови технологии. За да го постигнеме тоа компанијата ќе инвестира во обука и надградба на вработените“, рече Батон.

Вицепремиерот Ставрески посочи дека во ТИР зоните се обезбедени сите инфраструктурни услови за инвеститорите да ја донесат одлуката за вложување.

„Во Македонија инвеститорите доаѓаат како во земја со најниски даноци во светот, земја рангирана од страна на Светска банка на 30-то место во светот во конкуренција на 189 земји од аспект на поволностите за водење бизнис. Инвеститорите доаѓаат бидејќи во земјава има добра бизнис клима, квалитетна работна сила и добар партнер во Владата за реализација на нивната инвестиција“, истакна Ставрески.

Според него, споменатата инвестиција на ОДВ Електрик ќе овозможи да продолжи трендот за намалување на невработеноста во Македонија. „Во ТИРЗ досега се вработени 13.500 лица“, потенцираше Ставрески.

Директорот на Дирекцијата на ТИРЗ, Виктор Мизо, изрази задоволство што токму компанија како „ОДВ Електрик“ како најповолна дестинација за реализирање на нивната следна инвестиција ја препозна зоната во охридско-струшкиот регион.

Истакна дека географската поставеност на зоната, во близината на охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“ и близината до граничниот премин кон Албанија, ќе им овозможи на инвеститорите одлична комуникација со меѓународниот пазар.

„Уверен сум дека позитивните примери на инвеститорите, позитивната клима, квалификуваната работна сила, но и индустриската традиција на регионот ќе бидат повод и други странски инвеститори да ја одберат Македонија“, рече Мизо.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП