2 мај, 2024
ПочетнаКОМПАНИИУште 24 нови акционери се приклучија кон кривичната пријава против раководството на...

Уште 24 нови акционери се приклучија кон кривичната пријава против раководството на Макпетрол

78945

Уште 24 нови акционери до вчера се приклучија кон кривичната пријава на Јавното обвинителство против менаџментот на нафтената компанија „Макпетрол“, со што вкупниот број на мали акционери кои се против политиката на првите луѓе на оваа компанија порасна на 40.

„Минатата недела 16-мина од нас се приклучија кон кривичната пријава од ЈО за 21 лице вмешано во незаконско прелевање капитал кон командитното друштво со акции „Оилко”. Сите ние, како и новите акционери кои се приклучија сега, имаме добиено отказ од „Макпетрол” откако се посомневавме во законитоста на зделките, со прашање како е можно сите овие години нафтената компанија да трпи загуби, а „Оилко” да генерира профити. Нашиот страв од банкрот на Макпетрол, а со тоа пропаѓање на нашите акции, е реално оправдан, дотолку повеќе што 70% од вкупниот број на акции на Макпетрол се наоѓаат во сопственост на физички лица“, се вели во соопштението од малите акционери.

Според нив, најновите извештаи од берзата го потврдуваат она што го говореле.

„И официјално стои дека Макпетрол инкасирал помалку пари од продажба на нафта и нафтени деривати за првите шест месеци од годинава, поточно за 8%. Во споредба со истиот период лани, годинава компанијата направила двојна загуба од 4,1 милион евра. Но затоа пак, на Оилко му оди одлично. Во првите шест месеци од годинава приходите од продажбата изнесуваат 3,1 милион евра и се зголемени за 16% во споредба со лани. Наспроти загубата на Макпетрол, Оилко има добивка од 700.000 евра, што е седум пати повеќе од лани“, се вели во соопштението.

Малите акционери тврдат дека иако менаџерите го оправдувале падот на продажбата со намалената цена на нафтените деривати, тоа е заради продолжувањето на испумпување пари от Макпетрол на сметките на Оилко.

„Тоа е уште еден чекор кон уништувањето на нашата компанија, чии сопственици сме ние акционерите, па затоа ги повикуваме сите наши колеги уште помасовно да ни се приклучат кон кривичната пријава од Јавното обвинителство и со своите искази да помогнат главните виновници конечно да бидат сместени зад решетки“, пишува во соопштението на новите мали акционери што се приклучија кон кривичната пријава на ЈО против првите луѓе на Макпетрол.

МВР на 13 август годинава поднесе пријава против менаџментот на Макпетрол за незаконско одлевање на средствата од Макпетрол во Оилко.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП