18 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПад на цените на акциите на Волстрит

Пад на цените на акциите на Волстрит

wall str3020

Цените на акциите на Волстрит во четврток паднаа, бидејќи на пазарот и натаму владее несигурност, иако Федералните резерви (Фед), загрижени заради слабата светска економија, решија да го одложат зголемувањето на каматните стапки.

Dow Jones ослабе 65 бодови или 0,39 отсто, на 16.674 бода, додека S&P 500 се лизна 0,26 отсто, на 1.990 поени.

Nasdaq индексот зајакна 0,10 отсто на 4.893 бодови.

По дводневната седница од Фед соопштија дека референтните каматни стапки остануваат непроменети на ниво од околу нула отсто, на кое се наоѓаат уште од 2008 година.

Тоа првенствено поттикна раст на цените на акциите за повеќе од еден отсто, но по прес конференцијата на претседателот на Фед, Џенет Јелен, берзанските индекси ги загубија сите почетни добивки.

Јелен рече дека заради зголемената несигурност во врска со растот на светската економија, првите луѓе на Фед процениле дека е подобро да се причека со зголемувањето на каматните стапки.

Таа наведе дека неодамнешниот пад на цените на американските акции и растот на курсот на доларот веќе ги заостриле условите на финансиските пазари, што би можело да предизвика забавување на растот на американската економија.

Челниците на Фед проценуваат дека ова година американскиот бруто домашен производ (БДП) ќе порасне 2,1 отсто, нешто повеќе од она што го очекуваа претходно, но ги намалија проценките на раст за следната и 2017 година.

Според нивните проценки, стапката на невработеност наскоро ќе падне на 4,8 отсто од сегашните 5,1 отсто, додека планираната инфлација од два отсто нема да биде достигната пред 2018 година.

Првите луѓе на Фед наведуваат дека и натаму е можно зголемување на каматите до крајот на оваа година, што ќе зависи не само од домашните макроекономски показатели, туку и од развојот на ситуацијата во глобалната економија.

Следната седница на челниците на Фед ќе се одржи кон крајот на октомври, а иако каматите до тогаш остануваат непроменети, несигурноста на пазарите не е отстранета.

На европските берзи во четврток се тргуваше внимателно.

Лондонски индекс FTSE ослабе за 0,68 отсто на 6.186 бодови, додека франкфуртски DAX зајакна за 0,02 отсто, на 10.229 бодови, додека парискиот индекс CAC зајакна за 0,2 отсто, на 4.655 бодови.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП