
Осмото издание на манифестацијата „Штипска пастрмалијада 2015“ започнува денес вечер во Штип.


Осмото издание на манифестацијата „Штипска пастрмалијада 2015“ започнува денес вечер во Штип.
Отворањето ќе започне неофицијално по 18 часот со промоција на маскотата, а во 19:30 часот е предвидено и официјално отворање со обраќање на градоначалникот Илчо Захариев.
Веднаш потоа следи претставувањето на џиновската пастрмалија и трката во брзо јадење пастрмалии. Во музичкиот дел, вечерва ѕвезда на вечерта е фолк пејачот Јордан Митев со неговиот оркестар.
Во сабота на пладне е предвидена трката на келнери, а во 19 часот ќе следи прогласувањето на најдобриот штанд. Како музички имиња кои ќе ги забавуваат посетителите се штипскиот бенд Црна Тачка, македонската пејачка Калиопи и Жељко Самарџиќ.
Финалето на манифестацијата е во недела, кога во 22 часот е предвиден настап на Ферус Мустафов кој ќе биде најава во концертниот настап на српската фолк пејачка Цеца Ражнатовиќ, која е ѕвезда на манифестацијата.
На „Штипската пастрмалијада 2015“ учествуваат 27 угостители и три винарии, воведена е строга контрола на изгледот и квалитетот на пастрмалиите и во текот на сите три дена посетителите ќе можат да уживаат во овој брендиран штипски и македонски специјалитет.
Во Штип се очекуваат над 100.000 посетители и постои оптимистичко расположение дека во овие три дена ќе се направат и изедат 150.000 пастрмалии.