1 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСе воведува електронски занаетчиски регистар

Се воведува електронски занаетчиски регистар

carsija neziri

Воведување електронски занаетчиски регистар, кој меѓу другото ќе служи и како централна база на податоци, се предвидува во новиот закон кој ќе ја уредува оваа дејност, а кој, како што појасни министерот за економија Беким Незири, при посетата на Старата скопска чаршија, е креиран согласно потребите на занаетчиите.

„Со овој закон, партнерски со занаетчиското здружение, ги уредивме условите за вршење на занаетчиска дејност, а еден од новитетите во предлог законот е што конечно воведуваме електронски занаетчиски регистар, кој меѓу другото ќе служи и како централна база на податоци. Врз основа на овој регистар ќе можат да се креират реални и квалитетни политики за развој и поддршка на занаетчиството“, рече министерот Незири.

Со цел решавање на проблемот со сивата економија, се воведува занаетчиска дозвола, која што на занатечиите ќе им овозможи да работат под еднакви услови на пазарот и ќе преставува гаранција за квалитет на производите и услугите кои ги нудат вршителите на занаетчиската дејност.

„Во новиот предлог закон е воведено и чираштвото, кое овозможува невработено лице да биде ангажирано од страна на работодавач со цел да се стекне со вештини, компетенции и знаења за изучување на определен занает, што е од суштинско значење за понатамошен развој на занаетчиството, а досега не било воопшто регулирано“, рече Незири.

Претседателот на Здружението „Еснаф“, Муадеин Брава изрази задоволство од ангажираноста на министерот Незири при изготвувањето на овој предлог закон и вклученоста на комората со свои предлози во решението.

„На наша иницијатива, а во насока на професионализација на оваа дејност, во предлог законот се воведе обврска за полагање на испит за проверка на знаењето во занаетчиската комора, за  добивање на занаетчиска дозвола. Со ова се овозможува да се провери знаењето на занаетчиите кои вршеле самостојно занаетчиски дејности или биле вработени кај занаетчии на одредено време“, изјави Брава.

Министерот Незири, во рамки на посетата на чаршијата оствари средба со дуќанџиите, чии 60-тина дуќани, во рамките на еден кварт од чаршијата, ќе бидат унифицирани како дел од проектот на Министерството за економија и Општина Чаир, а го посети и Здружението на пазарџии, со цел да им ја претстави нацрт верзијата на Законот за зелени пазари, во чија подготовка се вклучени сите релевантни државни институции, но и Стопанската комора, Групацијата на пазари и Централниот регистар, со цел транспарентност и партнерски однос со инволвираните страни.

Министерот Незири појасни дека станува збор за комплексен закон, со кој конечно ќе се регулира правниот статус на физичките лица кои ќе продаваат на зелените пазари определени производи, што ќе овозможи тие да добијат правна рамка и да не се дел од сивата економија во државата.

Според претставниците од Здружението на пазарџии, со ова законско решение, на задоволство на сите, се поставува ред во работењето и во овој сегмент од економијата, со што ќе се придонесе кон правно, регулирано и законско работење, во интерес и на трговците-пазарџии и на купувачите.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП