8 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАИзлезе од печат романот „Просјакот Лука“ од Аугуст Шеноа

Излезе од печат романот „Просјакот Лука“ од Аугуст Шеноа

prosjakot-luka

Во издание на „Македоника литера“ од Скопје неодамна излезе од печат романот „Просјакот Лука“ на хрватскиот писател Аугуст Шеноа, во превод од хрватски јазик на Татјана Ѓорговски.

Просјакот Лука“ (1879) е едно најдобрите дела на највлијателниот и најплодниот хрватски писател од 19 век Аугуст Шеноа. Првиот вистински хрватски романописец во ова дело се интересира за малите човечки судбини и мајсторски ги претставува општествените слоеви и состојби на своето време – третирајќи ги моралните односи меѓу социјалните слоеви и односите меѓу селото и градот. Во приказната има просјачка колиба, селска крчма, циганска кола, селска куќа или магистрат и галерија ликови наспроти просјакот Лука: пијаниот селски старешина Јанко, пропаднатиот селски старешина Јанко, пропаднатиот писар Микица, Циганинот Угарковиќ, неговата жена Ката, крчмарката, просјакот Мато, селани, господа од градската управа и, како спротивност на сите – девојката Мара. Во приказната има и љубов, и самопочитувања и подлост и човечки вредности… Дејството се движи од едно во друго зло, од помало во поголемо, а кога се наближува кулминацијата – просјакот Лука се преобразува во Човек.

Во „Просјакот Лука“ се присутни социјалните елементи. Приказната се занимава со приказот на сиромашниот просјачки слој и со причините за просење кои се опишани во ликот отфрлен од сите. Шеноа воопшто не е благ во описот на општеството кое толку грдо и грубо се поставило спрема еден човек. Токму тоа општество е одговорно што главниот лик Лука со секој минат ден има сè помалку човечност во себе, иако длабоко во себе тој посакува да живее чесно како и другите луѓе. Текот на приказната има две нивоа: текот на општествените настани кои влијаат врз однесувањето на ликовите и животот на просјакот Лука, прикажан од раното детство до раната смрт. Дејството се случува во едно запустено и неуредно село крај Сава во близината на Загреб, познато по тоа што во него нема ни училиште, ни црква, но има процут на крчми…

Аугуст Иван Непомук Едуард Шеноа (Загреб, 1838 – Загреб, 1881) е романописец, раскажувач, поет, театарски критичар, фељтонист и преведувач. Најпознато негово дело е романот „Селанска буна“, а познати му се и романите „Златаревото злато“, „Диогенеш“, „Клетва“, „Чувај се од сењската рака“, „Просјакот Лука“ и комедијата „Љубица“.

Се смета за вистинскиот творец на модерната хрватска книжевност, автор е на обемен опус романи (од кои пет историски). Првин се афирмира како новинар (со дописи од Прага) и ги поставува темелите на модерниот хрватски фељтон. Дваесетина години се занимавал со театарска критика, а најголемата афирмација ја постигнал како романописец. Во романите и во расказите за животот од неговото време ги тематизира тогашните социјални, политички и етички проблеми, со нагласена општествена критика и аналитичност. Тој извршил големо влијание во хрватската книжевност – сите хрватски реалисти излегле од неговата матрица, сите ја разработувале неговата тематика, се огледувале на неговите ликови, ситуации и заплети. Со над дваесет дела, напишани за помалку од дваесет години, го поставува темелите на модерната хрватска книжевност на сите полиња и извршил темелно влијание воопшто во хрватската култура.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП