18 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНа Волстрит пад на цените на почетокот од седмицата

На Волстрит пад на цените на почетокот од седмицата

wallstreet 003

На Волстрит цените на акциите паднаа во понеделникот, бидејќи вложувачите не сакаа да ризикуваат во очекување на одлуката на американската централна банка за каматните стапки, но и поради забавувањето на растот на кинеската економија.

Индексот Dow Jones ослабе за 0,38 отсто, на 16.370 поени, додека индексот S&P 500 се лизна за 0,41 отсто, на 1.953 поени, а индексот Nasdaq падна за 0,34 отсто, 4.805 индексни поени.

Девет од десетте сектори на S&P 500 индексот во понеделникот загубија на вредноста, а порасна само за благи 0,2 отсто сам комуналниот сектор. Најмногу, за 0,8 проценти, паднаа цените во енергетскиот сектор, што е последица на падот на цените на нафтата за 1,4 отсто.

А, пак, падот на цените на сировините е последица од новите податоци кои укажуваат на забавување на кинеската економија, најголемиот светски потрошувач на сировини, поради што слабее и побарувачката за нив. Новите податоци покажуваа дека фабричкото производството во Кина во август, како и капиталните инвестиции во првите осум месеци од годинава пораснале помалку од очекувањата.

Поради тоа аналитичарите проценуваат дека растот на кинеската економија во третото тримесечје би можел да биде помал од 7 отсто, првпат од глобалната финансиска криза во 2008 година. Аналитичарите се убедени дека по новите показатели, кинеските власти наскоро ќе воведат дополнителни поттикнувачки економски мерки.

„Кина и натаму предизвикува загриженост меѓу инвеститорите додека се чека кога економијата ќе го досегне дното. Но тамошните власти имаат многу простор за поттикнување на растот на економија“, изјави во анкетата Крис Бертелсен, директор на фондот „Global Financial Private Capital“.

Од ноември минатата година кинеската централна банка ги намали клучните каматни стапки дури во пет наврати, ја скастри стапката за издвојувањата за задолжителните резерви на банките, а властите во Пекинг воведоа и други мерки за поттикнување на растот на економијата. Меѓутоа, тамошната економија и натаму слабее.

Покрај тоа, вложувачите не сакаат да ризикуваат пред седницата на американската централна банка, чии челници оваа седмица ќе одлучуваат за каматните стапки. Бидејќи американската економија постојано расте, при што се подобрува ситуацијата на пазарот на трудот, банката би можела да ја зголеми цената на парите.

Меѓутоа, од друга страна, инвеститорите шпекулираат дека поради потресите на финансиските пазари, предизвикани од неодамнешната девалвација на кинеската национална валута и со слабеењето на тамошната економија, американската централна банка би можела да го одложи зголемувањето на каматите до крајот на оваа или почетокот на другата година.

„Сите само ја очекуваат одлуката на американската централна банка и сосема е неизвесно што ќе стори“, вели Дејвид Спика, стратег го фондот „GuideStone Funds“.

Доколку Federal Reserve (Fed) ги зголеми каматите, тоа би било нивно прво зголемување по 2006 година, па пазарот би го загубил лостот кој со години го поттикнуваше растот на цените на акциите. Поради тоа во понеделникот се тргуваше претпазливо, за што сведочи потпросечниот обем на тргување. На американските берзи сопствениците ги заменија 5,4 милијарди акции, додека просечниот дневен обем во последните четири работни седмици изнесуваше 8 милијарди акции.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП