Најголемата италијанска банка по актива „UniCredit“ планира да укине околу 10.000 работни места, а германската „Deutsche Bank“ 23.000, објави во понеделникот „Reuters“.
„UniCredit“ планира да укине околу 10.000 работни места или околу седум отсто од вкупниот број во Италија, Германија и Австрија. Во тоа е вклучено и веќе најавеното укинување на 2.700 работни места во Италија, изјавија за „Reuters“ анонимни извори.
„UniCredit“ вработува околу 146.600 луѓе во 17 земји, а се наоѓа под притисок да ја зголеми добивката бидејќи се очекува ниските каматни стапки да ја ограничат заработката на банките во следните години.
Агенцијата „Reuters“ објави во понеделник и дека германската „Deutsche Bank“ има намера да укине околу 23.000 работни места, или околу четвртина од вкупниот број и тоа најмногу во технолошките активности и со издвојувањето на „PostBank“.
„PostBank“ вработува околу 15.000 луѓе, што значи дека во самата „Deutsche Bank“ би биле укинати околу 8.000 работни места, кога издвојувањето на „PostBank“ ќе заврши во 2016-та година.
И многу други банки, како британски „Barclays“ најавија последните месеци укинување на илјадници работни места и продажба на имотот бидејќи кредитните маржи се намалуваат.