19 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАРегионално поврзување - иднина за Македонската Берза

Регионално поврзување – иднина за Македонската Берза

be

Регионализацијата е главен приоритет за иднината на Македонската Берза. Извршниот директор, Иван Штериев смета дека поголемо раздвижување на пазарот од хартии на вредност може да се очекува со добра комбинација на економски, политички и регулаторни фактори.

„Подолг временски период акционерите на берзата, а и берзата има визија дека треба да бидеме дел од една поширока алијанса на берзи, дали тоа ќе биде поцврста или полабава форма останува да се види. Го имаме оној регионален проект  со берзите од Софија и од Загреб. Тоа би требало во првиот квартал од наредната година да почне многу полесна размена на налози за тргување на овие три пазари“, вели  Иван Штериев, главен извршен директор на Македонска берза..

Глобалните случувања на некој начин се прелеваaт во економиите и финансиските сектори на сите земји од регионот. Кај нас влијанието доаѓа и преку соседните земји  од каде доаѓаат главните портфолио инвеститори. Слично влијание имаат и политичките случувања, но тие сепак се лимитирани, вели Штериев.

За две децении на Македонска берза свртени се повеќе од 3 милијарди и 300 милиони евра. Најмногу се тргувало со акции, а само една десетина биле обврзници. Највисоко ниво на индексот и рекорден промет биле забележани во 2007-ма кога биле истргувани хартии од вредност за 680 милиони евра.

 

Каде да се вложат вишокот пари?

Да се вложи во акции, да се купи земја или да се чуваат парите во банка? Економистите велат е добро  парите да се оплодат вложувајќи во акции или барем во депозити во банка. Граѓаните велат дека им е страв да ризикуваат, па најчесто заштедите ги чуваат во банка. Но, има и такви кои велат дека пари чуваат под перница.

„Јас сите пари ги чувам во банка, орочени во депозити. Најмногу им верувам на банките, кои се покажаа како стабилни и во време на криза, вели средовечна жена. Студент од Скопје изјави дека најдобра инвестиција на долг рок е сопствениот бизнис. Тој со скромната заштеда, но и со банкарски кредит ќе ризикува да почне свој бизнис, кој на долг рок се надева дека ќе му донесе многу повеќе пари.

Оние кои не сакаат да ризикуват, најчесто парите ги чуваат во банка на сигурно. Но, има и такви кои ризикуваат и вложуваат во акции на берзата или недвижности. Аналитичарите велат дека ако се инвестира во индивидуални акции на берзата, тогаш треба да се има време секојдневно да се следи работата на компаниите.

Универзитетскиот професор  Зоран Ивановски вели дека најпрво треба да се дефинираат два типа на инвеститори.

,, Имаме аверзни луѓе, кои не ризикуваат, такви се повеќето, но има и  приемчиви инвеститори кои се подготвени на ризик. Сепак, важи генерално правило- да не се ставаат сите пари на едно место, тој елемент треба да го знаат сите кои размислуваат за инвестиции. Важно за инвеститорите е нивната година на старост, постарите немаат време да ги попрваат своите грешки и затоа треба да размислуваат за безризични инвестиции, депозити, државни записи, обврзници на долг рок.

Помладите пак треба да ги земат в предвид и недвижностите. И тука има циклуси кога цената паѓа, но сепак нема правило дека недвижноста носи сигурен принос, порачува професорот Ивановски.

 

Паднаа каматите за штедење во банка

Банките во Македонија сe уште важат за најсигурни места за орочување капитал. Луѓето кои вишокот пари го депонираат во банките,  добиваат годишни камати околу 1,60%  кога  станува збор за денарски депозит . Депозитите може да се орочуваат на различен период, а банкарите нудат повисоки камати за оние што ќе ги остават парите на чување подолго. Сепак, повисоки се каматите за штедење во денари отколку во странска валута. Се уште најголема е довербата во денарот, особено што на краток рок нема видлива опасност од каква било промена на девизниот курс на денарот во однос на еврото.

Што се однесува на акциите на берзата, најдобро е да се купуваат акции по исплатите на дивидендите, кога вообичаено, цените паѓаат. Но, изборот во која акција ќе вложите треба да зависи од перспективите на таа компанија, како и износот што го дели како дивиденда. Професорот Ивановски порачува да се вложува онолку колку што инвеститорот може да си дозволи да изгуби. Берза-не обложувалница, но сепак познавачите велат дека треба да се внимава заради евентуална капитална загуба. Иако се вели дека на долг рок пазарите на капитал носат принос, треба да се земат в предвид роковите.

Брокерите велат дека не постои генерално правило каде се инвестираат заштедите. Инвестирањето на ликвидните средства зависи од тоа колку самиот инвеститор е аверзен кон ризикот. Оние кој имаат поголема аверзија кон ризикот, се ориентираат кон помалку ризични вложувања кои носат помал принос и обратно, доколку некој има помала аверзија кон ризикот, тогаш се насочува кон вложувања кои носат поголем принос.

Според аналитичарите, во Македонија расте и пазарот на инвестициски фондови, што значи дека граѓаните ги распределуваат своите средства според принципот на диверзификација. Оваа година средствата на управување кај отворените инвестициски фондови се зголемиле што значи дека дел од субјектите веќе почнуваат да ги препознаваат.

 

Статистика-економијата во нагорен тренд

Растот на бруто-домашниот производ во вториот квартал од 2,6% влева оптимизам кај компаниите. Според државната статистика во второто тримесечје од 2015, најголем пораст е забележан во финансиски дејности и дејности на осигурување од 13,8 отсто, стручни, научни и технички дејности, административни и помошни услужни дејности од 12,6 отсто, градежништвото регистрира раст од 6,2 отсто,  а трговијата на големо и трговија на мало, поправка на моторни возила и мотоцикли, транспорт и складирање, објекти за сместување и сервисни дејности со храна од 5,5 отсто. Извозот на стоки и на услуги номинално се зголеми за 8,3 отсто, а увозот на стоки и на услуги забележа раст во номинален износ од 2,7 отсто.

 

Позитивните трендови ќе продолжат

Причините за позитивните трендови не можат да се бараат на едно место. Се работи за комбинација од неколку фактори кои заеднички ја постигнуваат целта, а тоа се: политиката за привлекување странски инвестиции, подобрување на соработката меѓу странските и домашните компании, евтините кредити за стопанството, активните мерки за намалување на невработеноста, подобрувањето на бизнис – климата. Се работи за цел сет од мерки и политики кои несомнено даваат резултат.

„Намалувањето на невработеноста е резултат на повеќе фактори. Имаме раст на БДП, што значи дека имаме економска активност и во услови на криза, во време кога во Европа и во земјите со кои што Македонија соработува се уште има пострецесиони влијанија. Имаме позитивни движења кои создаваат услови за отворање нови работни места , макроекономска стабилност и мерки кои се насочени кон поттикнување на инвестициите, и домашни и странски инвестиции“ – оценува универзитетскиот професор Јован Пејковски.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП