Дали планирате летен одмор во Грција преку туристичка агенција? Ако одговорот е „да“, обрнете особено внимание на една ставка која може да ве чини повеќе отколку што сте планирале – туристичката такса.
Иако станува збор за фиксен трошок, начинот на неговата наплата знае да внесе конфузија и да резултира со непотребно двојно плаќање.
Туристичката такса, која важи како форма на престојувачки данок, се наплатува по ноќевање и зависи од типот на сместување.
За апартмани и студиа таа во главна сезона може да достигне и до 8 евра на ден, додека во луксузни хотели од 5 ѕвезди таа се движи и до 15 евра дневно.
Иако оваа сума најчесто се наплатува при пристигнување или заминување од објектот, сè почесто туристички агенции ја вклучуваат во вкупната сума за аранжманот и ја наплатуваат однапред.
„Секоја година имаме гости кои доаѓаат и инсистираат дека веќе ја платиле таксата, а ние сме должни да ја побараме бидејќи тоа е услов за престој во објектот. Кога ќе ни покажат фактура каде е наведен овој износ, тогаш нормално, не ја наплатуваме повторно“, објаснува Марија, менаџерка на семеен хотел во Паралија.
Од туристичките агенции признаваат дека постои недоразбирање кај дел од клиентите.
„Некои агенции за поголема транспарентност ја вклучуваат таксата уште при резервација, но многумина не читаат детално што им е пресметано. Наш совет е секогаш да се провери дали туристичката такса е посебно наведена во фактурата“, вели Петар, вработен во туристичка агенција од Скопје.
Забуната дополнително се зголемува поради честите измени во висината на оваа такса. Последните години, Грција неколкупати ја зголеми, а новите цени се повисоки за главната сезона, која трае од април до октомври. За разлика од тоа, во вонсезона (ноември – март), износите се значително пониски, па така за апартман или соба може да се плати само 0,50 евра дневно.
Граѓаните кои патуваат преку агенција треба особено да внимаваат при уплата, и ако е можно, да побараат детална фактура. Во случај да ви биде побарана повторна наплата во Грција, а вие веќе ја имате платено таксата дома, доволно е да покажете документ на кој таа е јасно наведена.
„Секогаш ја носам фактурата со себе. Пред неколку години ми се случи да ме прашаат за наплата, и кога им покажав дека сум ја платил со аранжманот, веднаш ми се извинија. Од тогаш – не патувам без документ испечатен на хартија“, раскажува Александар од Битола.
Со оглед на тоа што туристичката такса не е мала ставка ако се останува повеќе денови, двојното плаќање може да значи сериозен удар врз буџетот. Затоа – информирајте се однапред и барајте сметка за секој трошок. Празникот е за уживање, а не за непланирани сметки.
Б.З.М.