среда, 1 февруари 2023
ПочетнаКУЛТУРАЗавршија археолошките истражувања на локалитетот Костоперска карпа

Завршија археолошките истражувања на локалитетот Костоперска карпа

kostoperska karpa

Изминатиов викенд завршија археолошките истражувања на локалитетот Костоперска карпа во Младо Нагоричине, кој е познат и како Жеглиговски камен, а како резултат на договорот меѓу музејот од Куманово и Универзитетот Саутемптон, веќе од следната година ќе започнат пообемни истражувања на локалитетот и неговата околина, кои се дел од петгодишниот план во кој ќе бидат вклучени и професори од универзитетите Саутемптон, Оксфорд и Единбург.

Годинашните истражувања на екипите од музејот од Куманово беа насочени кон разоткривање на ранохристијанската црковна градба, која била идентификувана со ископувањата во 1987 година.

Археолозите со овие истражувања дојдоа до нови сознанија дека објект лежи врз постара и помала црква, која во наредниот период треба да се идентификува од кој период датира.

Локалитетот Костоперска карпа претставува природна форма на изгаснат вулкан и како таков релјеф е уникатен во Европа. Поволната и природно заштитена позиција условила местото да биде населено уште од периодот на енеолитот, меѓутоа, според археолошките остатоци, во два периода локалитетот претставувал регионален центар во периодот IV до III век пр.н.е. и во периодот на доцната антика па сè до средниот век.

Во истражувањата, кои се започнати во 1983 година, а се работени во повеќе наврати, откриени се тенок енеолитски слој со богат материјал на акрополата, повеќе градби, цистерни и мал дел од апсидална градба со погребувања. Откриени се уникатна подземна просторија со недефинирана функција во југозападниот дел, една црква во западното подножје, како и некропола од доцноримскиот период.

Карактеристично за овој локалитет е што во минатото постоеле дури 40 цркви поради кои месноста била нарекувана Мала Света Гора, а во подножјето на карпата се наоѓаат зачуваните средновековни цркви „Св. Петка“ и „Св. Ѓорѓи Победоносец“, како и повеќе гробови.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП