2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЌе се проширува улицата „Трета Македонска бригада“

Ќе се проширува улицата „Трета Македонска бригада“

treta-mak-brigada

Втората фаза од проширувањето на улицата „Трета Македонска бригада“, во Аеродром, со што таа целосно ќе стане булевар, почна денес, во присуство на премиерот, градоначалниците на Скопје и на Аеродром и други високи функционери и граѓани.

„Градот Скопје денеска почнува уште еден во низата капитални инфраструктурни проекти – проектот за проширување и реконструкција на улицата „Трета македонска бригада“, втора фаза, на потегот од крстосницата со улицата „Васко Карангелевски“ до улицата „Никола Карев“, делница долга 1.400 метри“, рече градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски.

Со проширувањето, оваа тесна и нефункционална улица ќе добие четири сообраќајни ленти, зелен појас од 1,5 метри, велосипедска патека покриена со асфалт и широка два метра и тротоар покриен со бекатон плочки со ширина од три метри.

Ќе се изгради и средишна разделна жардињера со ширина од пет метри, а градежните работи ќе се искористат за да се постави нова атмосферска канализација.

Новиот булевар ќе прерасне и во вистински сервис за жителите на новите станбени згради што никнуваат по неговата должина. На булеварот ќе се постави ново осветлување со 81 столб за улично осветлување (73 столба од 10 метри и 8 столба од 12 метри) и светилки од 150 и 250 вати. За градежните работи, за дислокацијата на подземните инсталации и за осветлувањето на оваа новопроширена делница Градот Скопје ќе потроши околу 103,6 милиони денари.

„Им препорачувам на граѓаните коишто ја користат оваа сообраќајница да бидат трпеливи и да ја приспособат брзината на движење според поставената времена сигнализација“, рече Трајановски.

На проширување и реконструкција на улицата Трета македонска бригада, втора фаза, на потегот од крстосницата со улицата Васко Карангелевски до улицата Никола Карев ќе работат екипите на градежната компанија „Ескаватори ДОО“.
Премиерот Никола Груевски пред присутните нагласи дека со проширувањето и реконструкцијата на Трета македонска бригада, втора фаза Скопје ќе добие комплетно нов булевар и ќе се намали метежот во сообраќајот во овој дел на градот.

„На новиот булевар ќе биде поставено ново осветлување коешто на пешаците и велосипедистите ќе им овозможи безбедно по новите и широки тротоари и велосипетски патеки да стигнат до посакуваната дестинација“, рече премиерот Груевски.
Првиот дел од булеварот „Трета македонска бригада“, на потегот од булеварот „Србија“ до улицата „Фрањо Клуз“, беше проширен минатата година.

За проширување, реконструкција и уредување на улицата „Трета македонска бригада“ – прва фаза – Градот Скопје вложи вкупно 147,2 милиони денари.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП