18 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНови животни во штипскиот ЗОО парк

Нови животни во штипскиот ЗОО парк

stip-zoo

Во штипскиот ЗОО парк во четвртокот пристигнаа нови животни, три елена лопатари и едно женско пони кое е во бремена состојба што значи дека паркот наскоро ќе добие и принова.

„Бевме скептични на почетокот, дали ќе успееме да го направиме ЗОО паркот онака како што треба, но веќе по неколку месеци, можам да кажам дека успеавме. Бројот на животните се зголемува, локацијата е облагородена и беспрекорно се одржува со несебичен агнажман на луѓето од ЈП Исар и мислам дека успеавме да направиме нешто добро за Штип. Наша цел е условите за престој на животните да бидат хумани и според сите стандарди, храна има доволно а хигиената е на завидно ниво“, изјави за Старплус на ТВ Стар, градоначалникот на Штип, Илчо Захариев:

„Очекуваме и нови животни, договорени се и џуџести кози, а како мало финале, е донесувањето на мајмуните со што ќе заврши оваа прва фаза на опремување на ЗОО паркот. Ние во моментов работиме на проект преку ИПА програмата со Општина Ќустендил од Бугарија во вредност од 260.000 евра, така што ако тој помине, ќе се прошири и ЗОО паркот со нови, овој пат диви животни“, додаде градоначалникот на Штип.

Според директорот на Јавното претпријатие „Исар“, Ангел Бојаџиев, доколку се добијат овие средства, дивите животни ќе бидат во посебен дел:

„Тоа значи дека ЗОО паркот ќе се прошири, ќе биде веднаш до овој дел, но ќе биде одвоен заради дивите животни. Ние сме подготвени и условите постојано се подобруваат и на наше изненадување, покрај пешачката патека зад Исарот, ова е можеби најпосетената локација во Штип. До сега евидентиравме над 15.000 посетители, и натаму нема да се наплаќаат влезници, што значи одлична можност за штипјани да се релаксираат тука“, појасни Бојаџиев кој истакна дека моментално во ЗОО паркот престојуваат над 40 видови на животни.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП