6 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИталијански Диатек отвори фабрика во Бунарџик, најавени 200 вработувања

Италијански Диатек отвори фабрика во Бунарџик, најавени 200 вработувања

makdia 222

Водечката компанија во дигиталната печатарска индустрија италијански Диатек, денеска отвори фабрика во Технолошко индустриска развојна зона- Скопје (ТИРЗ), во која се инвестирани 10 милиони евра, а ќе бидат отворени 200 работни места.

Фабриката Макдиа ќе произведува производи наменети за печатарската и за текстилната индустрија, а предвидено е најголем дел од производите да бидат пласирани во источна Европа, Турција, северна Африка и Персискиот залив.

Премиерот Никола Груевски кој денеска присуствуваше на отворањето на новата компанија истакна дека бранот на инвестиции во Македонија продолжува, а технолошко-индустриските развојни зони се пример како од ништо може да се направат многу фабрики.

„Бројот на инвеститори во овие зони континуирано расте. Тука се Вистеон, Џонсон Мети, Технокозе, Кемет електроникс, Ванхул, а од денес официјално и новата фабрика на Диатек“, рече Груевски.

Тој додаде една од придобивките од отворањето на новата фабрика ќе биде и директното зголемување на извозот од Македонија.

Отворањето на оваа фабрика е еден од многуте примери во кои македонската дијаспора асистира во привлекувањето на странските инвеститори во Македонија, истакна Груевски.

Вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски информираше дека италијанската компанија ја избрала Македонија како земја за инвестирање во конкуренција на Германија и Србија.

„Со отворањето на фабриката Макдиа, Македонија се придружува на земјите каде „Диатек“ веќе има фабрики, а тоа се Италија, Германија, Швајцарија и САД што укажува дека на некој начин по условите што ги имаме стоиме рамо до рамо со овие држави“, рече Пешевски.

Италијанскиот амбасадор во Македонија, Масимо Белели и сопственикот на „Диатек“, Диего Мосна оценија дека една од причините зошто компаниите инвестираат во Македонија се добрата местоположба, политичката стабилност и поволните услови за инвестирање.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП