Рускиот енергетски гигант „Газпром“ на почетокот од седмицата започна со аукциска продажба на гасот наменет за извоз преку гасоводот Северен тек, со кој се снабдува Европа, очекувајќи дека така ќе постигне повисоки цени.
Во моментот „Газпром“ на Европската унија ѝ испорачува гас во обем од 30 отсто од нејзините потреби по долгорочните договори, а цената се формира според движењето на цените на нафтата и нафтените деривати и има тенденција на пад.
Европската комисија инсистира на тоа учесниците на пазарот долгорочните договори да ги заменат со спот пазарот, во Европа уделот на гасот продаден преку берзата или спот пазарот е во постојан пораст.
„Секогаш одговараме на променливите барања на пазарите“, изјави заменикот претседател на „Газпром“ и челник на одделот за продажба во Европа, Александар Медведев, по објавувањето на почетокот од тргувањето коешто започна во понеделникот, а ќе се одржи во три круга, меѓу 7-ми и 10-ти септември, кога ќе бидат објавени резултати од тргувањето и постигнатите цени.
Медведев прогнозира дека аукциската цена веројатно ќе биде поголема од просечната според долгорочните договори на „Газпром“.
„Убеден сум и не се сомневам дека цената на аукцијата ќе биде поголема од просечната од долгорочните договори“, вели Медведев и додава дека главниот принцип на работењето на „Газпром“ не е во продажбата на што поголеми количества, туку постигнувањето што подобри цени.
Берзанското тргување со гас во Русија е отежнато поради недостигот од законска поткрепа, како што се смета поради монополистичката позиција на „Газпром“ на извозниот пазар. Оттаму „Газпром“ одбра аукциско тргување. За разлика од берзанското,на аукцијата може да учествува и само еден продавач.
Аукцијата вклучува продажба на рускиот гас на партнерите на „Газпром“ и на трговците кои сами ќе го транспортираат преку копнениот дел од гасоводот Северен тек, цевководите Нел и Опал, на територијата на Германија.
„Зборуваме за две групи купувачи, првите се нашите традиционални партнери од долгорочните договори, а другите се трговците“, изјави директорката на одделот на „Газпром за извоз, Елена Бурмистрова.
Според неа, трговците и традиционалните купувачи на гас на „Газпром“ се подготвени да учествуваат на аукцијата, а квалификациската постапка за учество ја минале 39 д 43 пријавени компании.