30 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАФранција ќе прими 24.000 бегалци за две, а Британија 20.000 за пет...

Франција ќе прими 24.000 бегалци за две, а Британија 20.000 за пет години

migranti-francija

Францускиот претседател Франсоа Оланд потврди во понеделникот дека Франција ќе прими 24.000 бегалци во рамките на плановите на Европската унија да прифати повеќе од 120.000 во следните две години, а додека британскиот премиер Дејвид Камерон вети дека Велика Британија ќе прими до 20.000 бегалци од Сирија но во следните пет години, одговарајќи со тоа на сé погласните забелешки од европската јавност Кралството да им помогне на овие луѓе.

„Предлагаме Велика Британија да прими до 20.000 сириски бегалци до крајот на мандатот на овој парламент. Со тоа ќе му покажеме на светот дека ова е земја со посебно сочувство“, изјави британскиот премиер Дејвид Камерон во својот говор во парламентот, пренесува Ројтерс.

Велика Британија, Ирска и Данска во мај одбија да учествуваат во планот за распоредување на бегалците и мигрантите во земјите членки на ЕУ според квотите, кои почиваат врз параметрите за големината на земјата и тамошната економија, невработеноста и поранешното учество на дадената земја во згрижување на бегалци и мигранти.

„Европската комисија ќе предложи распределување на 120.000 бегалци во текот на следните две години, а за Франција тоа ќе изнесува 24.000 луѓе. Ние тоа ќе го исполниме. Тоа е задача на Франција“, истакна францускиот претседател Франсоа Оланд на прес-конференцијата во Париз додавајќи дека правото на азил е „темелниот принцип на нашите институции, тој дури е и запишан во нашиот устав“.

Оланд го бранеше својот предлог, изнесен заедно со германската канцеларка Ангела Меркел, распределбата на бегалците меѓу земјите од Европската унија да биде „задолжителен механизам“.

„Ова е криза, и тоа тешка и драматична. Може да биде ставена под контрола и ќе биде“, додаде Оланд на традиционалната полугодишна прес-конференција. Потсети дека од почетокот на 2015 година 350.000 луѓе го минале Средоземјето за да дојдат во Европа, како што истакна „многу, трипати повеќе отколку минатата година“. Тој, иста така, предложи во Франција да се одржи меѓународна конференција за бегалците. „Париз е подготвен да биде домаќин на собирот“, порача францускиот претседател.

Оланд индиректно ги критикуваше Унгарија, поради градењето на оградата на граница со Србија, и Словачка, која се изјасни дека би примила само сириски бегалци христијани велејќи дека „Има земји коишто сакаат етнички критериуми кои би ги примиле овие или оние, според верата…. Има земји кои сакаат да градат ѕидови и да не преземат ниеден бегалец“.

Нагласи и дека со соработката, којашто инаку воопшто не е ниту започната, со транзитните земји и дејствувањето во земјите од коишто потекнуваат бегалците, траба да се направи обид да се избегне „хуманитарната криза од гигантски димензии“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП