6 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАРекорден број учесници и посетители на Истанбулскиот саем на современа уметност

Рекорден број учесници и посетители на Истанбулскиот саем на современа уметност

istanbul-istanbubu

На третиот по ред меѓународен саем на модерната и современа уметност „Artinternational“, кој се одржа од 4-ти до 6-ти септември во турската метропола Истанбул, годинава настапија 87 светски галерии со делата на повеќе од 400 уметници од 27 земји.

Бројот на посетителите уште првиот ден ја надмина бројката од 8 илјади, а интересот на странските и домашни колекционери најмногу го привлекоа делата на познатите имиња на модерната уметност Жоан Миро, Жан Фабр и Јајои Кусама.

Годинашниов саем, кој се одржа на брегот на Златниот рог, се совпадна со 14-то Истанбулско биенале ,што придонесе за поголема посетеност на саемот. Минатата година саемот го посетија повеќе од 20 илјади љубители на уметноста, колекционери и уметници и беше направена продажба од 26 милиони и 500 илјади евра со учество од околу 1 500 колекционери и трговци со уметнички дела.

Директорката на саемот, Дјала Нусејбех, истакна дека годинава првпат учествувале галерии од Источна Европа, Средна Азија и Кавказ. На штандот на една од најистакнатите британски галерии „Андипа“ се најдоа и делата на Дејвид Хокни, Енди Вархол, Грејсон Пери и Тони Крег. Едно од поинтересните имиња на саемот беше и кинескиот уметник Лиу Болин, во уметничките кругови познат како „невидливиот човек“, поради неговиот начин на претставување на уметноста преку камуфлажа.

Оваа година земја во фокусот беше Шпанија која учествуваше со 15 истакнати галерии од Барселона, Мадрид и Палма де Мајорка кои со истакнати имиња ја претставија современата уметност на оваа земја. На саемот беа изложени делата на светски реномирани уметници, меѓу кои делата на најинспиративното име на модерната уметност од XX век, каталонскиот уметник Жоан Миро, како и истакнатиот претставник на поп-арт уметноста, Алекс Катц и светски познатиот скулптор Хавиер Перез.

Турција на саемот се претстави со 12 галерии меѓу кои беа „Артсумер“, „Галери Нев“, „Галери Циберман“, „Пилот“ и „Рампа“. Некои значајни имиња на турската современа уметност како Нури Кузуџан и Рамазан Бајракоулу беа претставени преку странските галерии− „Едуард Малин Галери“ и „Галери Лелонг“. На саемот можеа да се видат делата на истакнати скулптори и фотографи, како и изведби и инсталации и да се следат разни активности подготвени со учество на странски куратори, институти и уметнички платформи.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП