12 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГруевски: Најголем дел од лековите за ретки болести се набавени и распределени

Груевски: Најголем дел од лековите за ретки болести се набавени и распределени

gruevski-lekovi

Владата се обврза да го реши проблемот со лекови за ретки болести, и во моментов сме во самиот крај на негово решавање, изјави премиерот Никола Груевски во неделата во текот на посетата на скопската Градска општа болница „8-ми Септември“ каде во употреба беше предаден новиот апарат за ангиографија.

„Од вкупно 21 лек, колку што во моментов се потребни во Република Македонија, веќе единаесет се пристигнати и се распределени на пациентите, и тие ги користат бесплатно. Шест други се пристигнати и се во фаза на распределба, а уште четири се во фаза на набавка и процедурата за нивната набавка е започната. За многу кусо време сите 21 потребен лек ќе им бидат целосно распределени на пациентите и тие ќе ги користат бесплатно“, рече Груевски.

Според него, на овој начин ќе биде надминат проблемот со лековите за ретките болести, инаку проблем на кој долги години наидуваа пациентите на коишто има се неопходни.

„Единаесетте лекови кои се пристигнати, практично покриваат 90 отсто од потребите на пациентите, односно се најчесто користените лекови. Другите, коишто сега се во фаза на распределба, како и четирите што се во фаза на набавка, претставуваат 10 проценти“, рече премиерот

Од минатата 2014 година со одлука на Владата, Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) ги покрива трошоците, и тоа е трајна мерка. Вкупната сума што секоја година ќе биде издвојувана за набавка на овие лекарства изнесува околу 3,7 милиони евра.

Претходно премиерот Никола Груевски придружуван од министерот за здравство Никола Тодоров во Градската општа болница „8 Септември“ официјално го пушти во употреба новиот современ ангиограф.

„Ова практично ќе биде еден нов момент во оваа болница, затоа што болницата немаше досега ваков апарат. Со ова болницата ќе биде втор центар во Скопје во кој ќе се вршат ваков вид интервенции за инфаркти, стентови за инфаркти и други интервентни процедури“, рече Груевски.

Посочи дека веќе се извршуваат процедурите со апаратот во чијашто набавка се вложени
35 милиони денари. Груевски појасни дека веќе во октомври во болницата ќе дојде лекар со долгогодишно искуство кој ќе им помага на македонските колеги. Премиерот притоа истакна дека медицинскиот персонал од „8-ми Септември“ минал низа обуки, како во Цирих и други реномирани странски болнички центри, како и дека тие обуки ќе продолжат и во иднина.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП