Стапката на невработеност во САД во август се намали на најниското ниво за последните седум години, стапката на невработеност е најниска од април 2008 година.
Во американската економија отворени се скромни 173.000 работни места.
Намалувањето на стапката на невработеност на 5,1 проценти од 5,3 проценти во јули, односно на најниското ниво од април 2008 година, ќе биде од клучно значење за американската централна банка (ФЕД) при донесувањето на одлуката за подигнување на каматните стапки овој месец од рекордно ниското ниво, оценува агенцијата АП.
Во август е регистрирана најбавната стапка на отворање нови работни места за последните пет месеци, но владата ги ревидираше нагоре податоците за јуни и јули, зголемувајќи го бројот на новоотворени работни места за вкупно 44,000.
Имено, од јуни до август, во економијата на САД се отворени солидни 221,000 работни места месечно, што е пораст во однос на просечните 189,000 работни места од периодот март-мај, соопшти американското Министерство за труд.
Стабилното темпо на вработување, како што оценува АП, би можело да ја охрабри ФЕД за прв пат во последните десет години да ги зголеми каматните стапки. Сепак, турбуленциите на берзите, упорно ниската стапка на инфлација и острото забавување на кинеската економија би можеле да ја искомплицираат одлуката на ФЕД.