18 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААзиските берзи паднаа, еврото и нафтата под притисок

Азиските берзи паднаа, еврото и нафтата под притисок

берзи-азиски-европски-berzi-aziski-evropski

На азиските берзи цените на акциите во петокот паднаа, бидејќи вложувачите се претпазливи пред извештајот за вработеноста во САД, кој би можел да влијае на одлуката на тамошната централна банка за каматите и насоките на пазарите, а европската валута е и натаму под притисок, како и цените на сировините.

На токиската берза, индексот Nikkei во претпладневното тргување беше во минус околу 1,7 отсто, додека цените на акциите во Австралија, Хонгконг, Јужна Кореја и Сингапур се лизгаат меѓу 0,2 и 1,4 отсто. Оттаму, MSCI индексот на азиско-пацифичките акции, без јапонските, во утринското тргување беше во минус од 0,2 отсто. Од почетокот на седмицата овој индекс е во загуба од 3,4 отсто.

На самиот почеток од петочното тргување азиските берзи благо пораснаа, како и во четвртокот Волстрит, благодарејќи на пораката од Европската централна банка (ЕЦБ) дека дополнително ќе ја олабави монетарната политика, доколку тоа биде потребно. Меѓутоа, набрзо насоката на пазарите доживеа пресврт, бидејќи вложувачите се претпазливи пред објавувањето на извештајот за вработеноста во САД, кој би можел да влијае врз одлуката на американската централна банка Federal Reserve (Fed) за клучните каматни стапки и насоките на пазарите.

„Вложувачите се одлучија за продажба на акциите по почетниот раст на цените. Во фокусот е само една тема – колку расте вработувањето во САД и како тоа ќе влијае на Fed“, вели за Reuters Николас Тео, аналитичар во компанијата „CMC Markets“.

Извештајот ќе биде објавен во петокот попладне по средноевропски време, кога азиските берзи ќе бидат затворени, па тамошните вложувачи на тие податоци ќе може да реагираат дури во понеделник.

Аналитичарите во анкетата на Reuters проценуваат дека во август бројот на вработените е зголемен за околу 220.000, речиси исто како и во јули. Доколку растот на вработеноста, но и надницата, бидат поголеми отколку што се очекува, ќе зајакнат шпекулациите за зголемување на каматните стапки од страна на Fed уште кон средината на септември. Доколку податокот, пак, биде послаб од процените, според аналитичарите, Fed веројатно ќе го одложи зголемувањето на цените на парите до крајот на оваа или почетокот на следната година. Доколку Fed, првпат од 2006 година, ги зголеми каматните стапки од рекордно ниските нивоа близу нула отсто, пазарот би можел да ја загуби поддршката за евтини пари, што со години наназад го поттикнуваше растот на цените на акциите.

Несигурноста на цените на пазарите, исто така, е последица од знаците за острото забавување на растот на кинеската економија, што би можело негативно да влијае на севкупната светска економија. А тоа би можело да ја намали побарувачката на сировини, па цените на нафтата веќе со денови се движат во близина на најниските ниво во повеќе од последните шест години.

Така во петокот претпладнето на лондонскиот пазар, по благиот раст од четвртокот, вената на барелот падна за 0,5 отсто, на 50,45 долари, значително под 54,30 долари, највисоката цена во последните четири седмици која беше достигната во понеделникот, Сепак, сé уште е доста далеку од најниското ниво во последните шест ипол години од 42,39 долари, на којашто падна кон средината на август.

А на валутните пазари еврото е под притисок откако во четвртокот попладнето челниците на ЕЦБ ги намалија прогнозите за растот на економијата и инфлацијата во еврозоната и порачаа дека се подготвени дополнително да ја олабават и онака лабавата монетарна политика доколку тоа е потребно.

„Се чини дека ЕЦБ подготвува нови поттикнувања. Но бидејќи банката ги намали процените и бидејќи несигурноста на пазарите во развој расте, веројатно покажува дека е подготвена за акција“, вели Масахиро Ичикава, стратег во фондот „Mitsui Sumitomo Asset Management“.

Поради тоа во четвртокот вечерта еврото во еден момент потона на 1,1087 долари, најниското ниво во последните две седмици. Во петокот претпладне, пак, се движи околу 1,130 долари. Во однос на јапонската валута, цената на еврото потона на 133,15 јени, најниското ниво во последните три месеца. И американскиот долар ослаби кон јенот, па неговиот курс се симна на 119,20 јени, додека во четвртокот во истиот период од денот изнесуваше 120,.65 јени.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП