3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕЦБ ги снижи прогнозите за инфлацијата и растот во еврозоната

ЕЦБ ги снижи прогнозите за инфлацијата и растот во еврозоната

ECB

Европската централна банка (ЕЦБ) во четвртокот ги намали прогнозите за инфлацијата и растот за економијата на еврозоната, порачувајќи дека доколку е потребно се подготвени да ја засилат или продолжат програмата за откуп во случај да се влошат состојбите во светската економија, имајќи ги предвид ризиците во економиите во развој, особено во Кина.

Во Европската централна банка (ЕЦБ) ги снижија прогнозите за инфлацијата и сега за 2015 година очекуваат инфлација од само 0,1 отсто, додека кон средината на јули прогнозираа 0,3 отсто. За 2016 година предвидуваат забрзување на инфлацијата на 1,1 отсто, со што е намалена и претходната процена од 1,5 проценти. Благо е намалена и процената за инфлацијата во 2017 година, на 1,7 отсто, од првично проектираните 1,8 отсто.

Од банката порачаа дека се зголемени изгледите дека ЕЦБ нема да ја достигне среднорочно зацртаната инфлација на малку помалку од 2 отсто, имајќи ги предвид пониските цени на нафтата, слабиот раст во Кина и на другите пазари во формирање, како и јакнењето на еврото.

Споменатите прогнози се изработени пред 12-ти август и не го опфаќале најновото остро влошување на економската ситуација во Кина, што претставува ризик за проекциите, предупреди на редовната прес-конференција по редовната месечна седница на челниците на ЕЦБ, првиот човек Марио Драги. Управниот совет на ЕЦБ, сепак, смета дека прогнозираната послаба инфлација е резултат на „минливи фактори“, порача Драги.

Банката, очекувано, ги задржа клучните каматни стапки на рекордно ниските 0,05 отсто.

ЕЦБ, исто така, ги намали и прогнозите за економскиот раст во еврозоната за оваа и за наредните две години. За 2015-та прогнозата е снижена на 1,4 отсто од 1,5 отсто проектирани во јули. Во 2016 и 2017 година растот би требало да забрза на 1,7 односно на 1,8 отсто, со што јулските проекции се намалени за 0,2-процентни поени.

На прес-конференцијата Драги истакна и дека програмата за купување капитал во вкупна вредност од 1.000 милијарди евра се спроведува без тешкотии, иако со побавно темпо. Управниот совет на ЕЦБ, според него, е подготвен да преземе и дополнителни мерки, но оцениле дека во моментов тоа би било избрзано.

„Управниот совет особено истакнува дека програмата за купување дава доволна флексибилност во поглед на прилагодување на големината, составот и траењето на програмата“, рече Драги.

ЕЦБ месечно купува капитал во вредност од 60 милијарди евра, и тоа би требало да го прави уште најмалку една година за да го поттикне кредитирањето во еврозоната, а со тоа и економскиот раст. Сигнализирана е притоа само мала промена во програмата за квантитативно ублажување, па така ЕЦБ во иднина ќе може да купува максимално 33 отсто од секое ново издавање државни обврзници, наспроти досегашните 25 проценти.

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ѝ препорача на Европската централна банка (ЕЦБ) во белешката објавена во четвртокот пред состанокот на финансиските функционери на 20-те водечки економии во Турција, да ја прошири својата програма за квантитативно ублажување, доколку изостане потребното јакнење на инфлацијата во согласност со целената ценовна стабилност на среднорочен период, Како причина, меѓу другото, е наведено забавувањето на економскиот раст во Кина и се поизразените осцилации на финансиските пазари.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП