Седумдесет и второто издание на еден од најзначајните филмски фестивали во Европа и најстариот во светот – Венецискиот филмски фестивал беше отворен во средата вечерта во Дворецот на филмот (Palazzo del Cinema) на островот Лидо.
На црвениот тепих минаа италијанските актери, како и членовите на фестивалското жири. И покрај горештината, тие беа поздравени од голем број поклоници на седмата уметноста, а главни ѕвезди секако беа американските актери Џејк Гиленхал, Џош Бролин, Џејсон Кларк и режисерот Балтазар Кормакур, од филмот „Еверест“ кој оваа година ја имаше честа да го отвори фестивалот.
Драмата „Еверест“ е базирана на вистински настани, и ја раскажува сторијата за две експедиции кои го покорија највисокиот врв на планетата. Основата на филмот е во биографските белешки на учесниците во експедициите од 1996 година, меѓу кои и рускиот алпинист Анатолиј Букреев кој тогаш спасил тројца луѓе, а го толкува исландскиот актер Ингвар Егерт Сигурссон. Критичарите беа многу благонаклонети кон овој филм, а некои забележаа дека „Еверест“ го издигнал 72-от Венециски филмски фестивал.
Во главната конкуренција за престижните награди Златен лав беа селектирани 21 остварување, меѓу кои американските „Heart of a Dog“ кој е есеј за љубовта, смртта и јазикот на музичката и мултимедијална уметница Лори Андерсон, „Beasts of No Nation“ на Кари Фукунага, кој се темели на многу фалениот роман на нигерискиот автор Узодинма Ивеале, „Equals“ на Дрејк Доремус за утописко општество во кој глуми Кирстен Стјуард и „„Anomalisa“ на Чарли Кауфман и Дјук Џонсон, снимен во техника „стоп моушн’ анимација, со Џенифер Џејсон Лејх и Дејвид Тевлис во главните ролји.
Конкурираат уште и „Bigger Splash“ на италијанскиот режисер Лука Гвадањино за рок-легенда која со партнерот закрепнува на едени вулкански остров, во кој глумат Тилда Свингтон, Ралф Финес и Дакота Џонсон, канадско-германскиот „Remember“ на Атом Егојан приказна која следи човек кому пред 70 години родителите му ги убиле нацистите, со Кристофер Пламер, Мартин Кандау и Бруно Ганц, како и израелскиот „Rabin, The Last Day“ на Амос Гитаи,за атентатот врз израелскиот премиер Јицак Рабин во ноември 1995 година.
Британскиот филм „The Danish Girl“ на Том Хупер е љубовна приказна инспирирана од животот на уметниците Лила Елба и Герда Веген, полскиот „11 Minutes“ на Јиржи Сколомовски во кој се испреплетуваат неколку урбани приказни, „Francofonia“ на рускиот режисер Александар Сокуров, кој раскажува за минатиот век и „Стариот континент“, а аргентинскиот „El Clan“ на Пaбло Tрапер е вистина приказна за судбина на семејството Пуцо.
Вон конкуренција ќе бидат прикажани, меѓу другите, и американскиот „Go With Me“ на Даниел Алфредсон во кој глумат Ентони Хопкинс, Џилија Стилс, Реј Лиота, како и документарецот „Janis“ за славната пејачка Џенис Џоплин и драмата сместена во криминалното милје на Бостон од 1970-те „Black Mass“ на Скот Купер со Џони Деп Бенедикт Камбербач и Кевин Бејкон во главните улоги, како и „Spotlight“ на Томас Меккарти, вистинска приказна за новинарско истражување за злоставување на деца во црквата и највисоките општествени слоеви, во која глумат Мајкл Китон, Мар Рафало, Рајчел Мекадамс.
Во Венеција во рамките на една од двете натпреварувачки програми, „Хоризонти“ по традиција се најавуваат новите светски трендови и новите режисерски имиња, а се прикажуваат филмови и од веќе етаблираните автори. Жирито оваа година во конкуренцијава го води Џонатан Дем, режисер на култниот „Кога јагнињата ќе стивнат“.
Со жирито во главната конкуренција ќе претседава „оскаровецот“ Алфонсо Куарон, а во составот ќе бидат и, исто така, добитникот на Оскар Павел Павликовски, победникот на ланскиот Кански фестивал со филмот „Зимски сон“ Нури Билге Џејлан. Францускиот писател Емануел Карер, италијанскиот режисер добитник на неколку признанија минатата година во Венеција, Франческо Мунци, најдобриот режисер од мајското издание на Кан Хоу Сјаосан, режисерот на филмот „Нешто не е во ред со Кeвин“ Лим Ремзи и актерките Дајан Кригер и Елизабет Бенкс.
Добитникот на Наградата за животно дело годинава во Венеција е францускиот режисер Бертран Таверние. Златниот лав за животно дело ќе го прими на 8-ми септември, фестивалот се затвора инаку на 12-ти со доделување на признанијата. „Таверние е целосен, инстиктивно некоформистички и верно еклектички автор“, се наведува во образложението објавено на интернет страницата на фестивалот. Филмографијата на овој наградуван автор делумно се совпаѓа со контекстот на француската кинематографија во изминатите четири децении и не може да се идентификува со радикалните начела на „новиот бран“, а Таварние својата работа ја темели на љубовта кон класичниот американски филм и неговата способноста да забавува без отстапување од димензијата на изразитост, како и страста кон политичките и општествените теми, поради коишто неговите филмови се изразено лични и оригинални, се додава.