4 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАОтворена меѓународната научна конференција „Идентитет и култура“ 2015

Отворена меѓународната научна конференција „Идентитет и култура“ 2015

mkmkmkjnj

Третата годишна меѓународна научна конференција насловена како „Идентитет и култура“ 2015 во организација на Центарот за култура и културолошки студии (ЦККС), беше отворена во четврток во Скопје.

На отворањето се обрати претседателката на ЦККС, Лорета Георгиевска-Јаковлева, која меѓу другото рече, дека е постигната целта на конференцијата.

„Центарот за култура и културолошки студии се стреми да покрене прашања кои се актуелни колку за Република Македонија, толку и за регионот и за светот. Големиот број учесници како на првата конференција „Културна меморија“, на втората „Медиуми: теорија и практика“, така и на годинешнава „Идентитет и култура“ говори дека успеваме во нашата цел. Верувам дека годинешново присуство на над 230 научни работници речиси од целиот свет ќе ги расветли сите аспекти на сложените релации помеѓу културата и идентитетот и конкретните учиноци кои тие ги имаат врз светските промени и секојдневните животи на луѓето. Овие три дена ќе се посветиме на прашањата како што се традицијата и културното наследство во формирањето на националните идентитети, односите помеѓу индивидуалните и националните идентитети, идентитетите во ерата на глобализацијата и обедувањето на Европа, функцијата на медиумите во (ре)креирање на идентитетите, улогата на уметничката експресија, меморијата, историјата во креирањето на идентитетите, просторот/местото и креирањето на идентитетот и сл.

Годинава ги презентираме и резултатите на научните истражувања презентирани на претходните конференции. Дванаесетте броја на списанието Култура, кое излегува на три јазици – македонски, англиски и руски, ми се чини дека сами по себе говори за сериозноста со која се подготвува и процесира Годишната конференција на Центарот за култура и културолошките студии. Овогодинешната конференција го предизвика вниманието и на амбасадорите акредитирани во РМ. Голем број од нив го најавија проследувањето на дел од рефератите на оваа конференција“, рече Георгиевска-Јаковлева.

Потпретседателот на ЦККС, Мишел Павловски, пак, во своето обраќање ги поздрави учесниците и го истакна своето задоволство за нивното присуство на годинешнава Конференција во Скопје во толку голем број.

„Оваа Конференција е можност не само за интердисциплинарно проучување на релациите помеѓу културата и идентитетот, туку и можност за лоцирање на дострелите на македонската наука. Досегашното искуство покажува дека учесниците од Македонија понудуваат вредни сознанија кои се споредливи со оние на нивните колеги од светот. Ова го потврдуваат и странските и домашните рецензенти на списанието Култура кои најчесто трудовите на македонските учесници ги препорачуваат за печатење. Оттука сметаме дека една од нашите цели – промоција на македонската наука од областа на општествените и хуманистички науки, успешно се остварува. Од друга страна Центарот прави напори да ја промовира и македонската култура и природни убавини на нашата земја пред странските учесници, па оттука, во рамките на Конференцијата се организираат и настани како што е разгледување на Скопје, посета на кањонот на Матка, посета на историските и природни убавини на Охрид“, рече Павловски.

На конференцијата, која ќе трае до 5-ми септември 2014 година, учествуваат околу 250 научници од повеќе земји од светот, како и од Македонија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП