18 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААзиските берзи во минус поради падот на кинеските акции

Азиските берзи во минус поради падот на кинеските акции

berza a 33

Денеска цените на акциите на азиските берзи паднаа, по што им се заканува најголема месечна загуба за три години, како последица на натамошниот пад на кинеските берзански индекси.

На Токијската берза индексот Nikkei во 7,30 часот беше во минус околу 1,5 отсто, додека цените на акциите во Сингапур, Хонг Конг, Јужна Кореја, Австралија и Шангај, падна помеѓу 0,3 и 2,6 отсто.

Поради тоа индексот MSCI на азиско-пацифичките акции, без јапонските, во 7,30 часот беше во минус 0,8 отсто. Доколку остане на ова ниво, во цел август овој индекс би загубил 10 отсто, што би бил негов најголем пад од мај 2012-та година.

Азиските инвеститорите на продажба ги наведе натамошен пад на цените на кинеските акции, кои на почетокот на денешното тргување паднаа околу 3 отсто.

Со тоа продолжи притисокот врз индексите во Шангај кои, со повремени кратки прекини, траат од половината на јуни. Од тогаш кинеските берзански индекси загубија на вредноста над 40 отсто.

Тоа е последица на стравувањето на инвеститорите поради драстичното забавување на растот на втората по големина светска економија. Поради тоа со нетрпение се чекаат новите макроекономски показатели. Во вторник ќе биде објавен извештајот за производните активности во Кина, а аналитичарите проценуваат дека индексот на овие активности ќе се намали на најниско ниво за три години.

Во фокус на инвеститорите оваа недела ќе бидат и серијата извештаи од американската економија, кои ќе покажат дали забрзува растот на најголемата светска економија и дали има простор за зголемување на каматите.

Инвеститорите се надеваа дека поради потресите на светските финансиски берзи американската централна банка ќе го одложи зголемувањето на клучните каматни стапки.

Меѓутоа, во петокот неколку функционери на Фед порачаа дека и покрај ризиците поради потресите на финансиските пазари, можно е зголемување на каматите веќе во септември, доколку состојбата на берзите се смири до почетокот на седницата на Фед закажана за средината на месецот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП