Aвстриската агенција за вработување (AMS) соопшти на почетокот на месецот кои работни места во оваа земја се дефицитарни, што привлекува големо внимание кај сите кои сакаат да заминат во оваа земја.
Но, доколку посакувате да најдете работа во оваа земја морате да минете неколку чекори.
1. Пронајдете работодавец.
Пред се советувајте се прво да пронајдете работодавач во Австрија кој би можел да ве вработи. Работа најлесно можете да пронајдете преку Интернет, или преку лични контакти. Фокусирајте се на дефицитарните работни места, затоа што тоа сепак ја зголемува веројатноста да добиете дозвола за работа.
Моментално се бараат лица во областа на угостителството – келнери, кувари, помошници во кујна, чистачи и работници за пакување. А бидејќи од мај оваа година минималната бруто заработка во хотелиерството и угостителството е 1.400 евра, јасно е дека се повеќе луѓе се интересираат да пронајдат работа во оваа земја.
2. Обезбедете работна дозвола
Виза за во Австрија не ви е потребна, но за да добиете вработување, морате да поседувате работна дозвола. Станува збор за таканаречена „црвено-бела-црвена карта“ или „Rot-Weiss-Rot-Karte“, за која кандидатот аплицира во Амбасада, откако веќе ќе пронајде работодавач. Потоа се одредува врз основа на неколку критериуми дали ќе ја добиете оваа дозвола, a еден од критериумите е токму потребата за работна сила. Затоа, на пример, нема врска што познавате некој кој има фризерски салон и сака вас да ве вработи во Австрија, доколку на нив не им се потребни фризери, веќе ги имаат доволно во својата земја.
3. Познавање на јазикот
Познавање на германскиот јазик не е неопходно за добивање на оваа дозвола, но е пожелно, и ги зголемува шансите за добивање на дозволата за работа. Критериумите по кои се одредува кој ќе добие „црвено-бела-црвена карта“ се квалификациите, работното искуство, познавањето на јазикот, возраста и студии во Австрија (за висококвалификувани професии).
Оваа карта обезбедува дозвола за работа и престој од времетраење од 12 месеци.