17 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАОхрабрување на азиските берзи од растот на кинеските акции

Охрабрување на азиските берзи од растот на кинеските акции

berza azija220

На азиските берзи цените на акциите во четвртокот значително пораснаа, благодарејќи на скокот на берзанските индекси на Волстрит и во Кина, што ги поттикна надежите дека превирањата на финансиските пазари поради слабеењето на кинеската економија се завршени, што влијаеше и на растот на цената на нафтата и на доларот.

На токиската берза индексот Nikkei порасна во тргувањето во четвртокот претпладне за 1,5 отсто, додека цените на акциите во Сеул, Сиднеј, Сингапур, Шангај и Хонгконг пораснаа меѓу 0,5 и 2,5 отсто. Благодарејќи на тоа, индексот MSCI на азиско-пацифичките акции, без јапонските, во споменатиот период беше во плус од 1,8 отсто, отскокнувајќи од најниското ниво во последните три години.

Откако изминатите седмици потонаа за 20 отсто, утрово кинеските берзански индекси скокнаа за повеќе од 2 отсто, што ги поттикнува надежите дека мерките на тамошните власти за стабилизација на пазарот конечно дадоа резултати. Кинеската централна банка ги намали во вторникот клучните каматни стапки за 0,25-процентни поени, а ја намали и стапката за издвојувањето за задолжителните резерви на банките, што треба да го поттикне кредитирањето и растот на задреманата економија.

Токму забавувањето на растот на кинеската економија, втората според обемот во светот, предизвика на почетокот од седмицава големи пореметувања на светските финансиски пазари, бидејќи тоа може негативно да влијае врз целокупната глобална економија. Дека слабеењето на кинеската економија би можело да влијае и врз американската монетарна политика, индиректно во средата го потврди директорот на филијалата на американската централна банка (Federal Reserve – Fed) во Њујорк, Вилијам Дадли, велејќи дека можностите за зголемување на каматите на банката веќе во септември се помали отколку што беа пред една седмица.

Веројатноста дека Fed барем до крајот на годинава, или почетокот од следната, ќе ги задржи рекордно ниските каматни стапки, го поттикна во средата на Волстрит растот на цените на акциите за речиси 4 отсто, најмногу во последните четири години. Инвеститорите беа поттикнати и од добрите американски економски показатели. Нарачките на трајните производи во јули неочекувано пораснале за 2 отсто, наспроти очекувањата на аналитичарите дека ќе паднат за 4 проценти.

Позитивно врз пазарите влијае и запирањето на падот на цените на сировините. Цената на нафтата на американскиот пазар во четвртокот претпладне скокна за 2,3 отсто, на 39,50 долари, оттргнувајќи се од најниската цена во последните шест ипол години, на коишто потона во понеделникот.

И покрај тоа што стивнаа очекувањата за зголемувањето на каматите на Fed веќе во септември, на валутните пазари американскиот долар закрепна, бидејќи со растот на цените на акциите се зголеми и наклонетоста на инвеститорите кон ризици, додека се намали привлечноста на валутите коишто се сметаат за сигурни прибежишта за капиталот во несигурните времиња.

Така, курсот на доларот утрово изнесуваше 119,90 јени, додека во средата во истиот период од тргувањето изнесуваше 119,50 јени. Со тоа дополнително се оддалечи од најниското ниво во последните седум месеци од 116,15 јени, на кое падна во понеделникот. Американската валута зајакна и во однос на еврото, кои потона од 1,1495 во средата на 1,1350 долари во четвртокот претпладне. А во текот на берзанските потреси во понеделникот курсот на еврото скокна на 1,1715 долари, најмногу во последните седум месеци.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП