Од почетокот на август е забележан рекордниот пад во последните седум години на берзите во членките на Советот за соработка на арапските земји во Персискиот залив, кои загубиле повеќе од 180 милијарди американски долари.
Според прецизираните податоци на центарот за економски истражување Mubasher, од ОАЕ, оваа загуба е резултат на остриот пад на берзанските индекси во шесте земји од Персискиот залив (Саудиска Арабија, Обединетите арапски емирати, Катар, Кувајт, Бахреин и Оман). Тие заедно загубиле 184,25 милијарди долари, што претставува речиси 45 отсто од севкупниот буџет на овие земји во 2015-та година во износ од 412 милијарди долари.
Најголемите загуби во август ги претрпела берзата на Саудиска Арабија. Тие се проценети на повеќе од 118 милијарди долари, што претставува 53 отсто од годинешниот буџетот на земјата. На второто место според загубите се Обединетите арапски емирати, чија загуба надминала 36 милијарди долари, што е речиси 2,5 пати повеќе од буџетот на државата.
Катарската берза, пак, загубила 18 милијарди долари, или 31 отсто од планираниот буџет за оваа година.
Во анализата на центарот се истакнува дека падот на индексите на арапските берзи е директна последица од новите знаци на забавувањето на економскиот раст на Кина, како втора според големината светска економија.