25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАТропските шуми со големина на Индија ќе исчезнат до 2050-та

Тропските шуми со големина на Индија ќе исчезнат до 2050-та

sumi 330994

Тропските шуми кои покриваат територија којашто може да се спореди со површината што ја зафаќа Индија, ќе исчезнат во следните 35 години поради неконтролираната сеча, и станува збор за побрза стапка на обесшумувањето, отколку што претходно се предвидуваше.

Ваквата констатација ја објави Центарот за глобален развој во Вашингтон, користејќи сателитски податоци за повеќе од сто земји, при што оценува дека до 2050-та година ќе бидат исечени 289 милиони хектари тропски шуми низ целиот свет.

Во студијата се истакнува дека сечата на прашумите ќе има опасни последици врз забрзувањето на климатските промени на Земјата. Обесшумувањето влијае врз глобалното загревање, бидејќи шумите го апсорбираат јаглеродот, со што од атмосферата го отстрануваат јаглерод диоксидот, еден од гасовите кој го предизвикува ефектот на стаклената градина.

Доколку продолжат сегашните трендови, поради глобалната дефорестација од атмосферата до 2050-та година нема да бидат отстранети 169 милијарди тони јаглерод диоксид, се наведува уште во студијата, и се додава дека тоа е еквивалент на едногодишното работење на 44 илјади електрични централи на јаглен.

„Намалувањето на обесшумувањето на тропските шуми е евтин начин за борба против климатските промени. Далеку најголем поттик за тропското обесшумување е индустриското земјоделие за глобалниот пазар, вклучително и производството на соја и на масло од палми“, вели Јонах Баш, експерт за заштита на природната околина, кој предлага да се оданочуваат емисиите на т.н. стакленички гасови за да се поттикне зачувувањето на шумите.

Во студијата, исто така, се предвидува дека стапката на обесшумување ќе расте во текот на 2020-те и 2030-те години, а дека околу 2040-та година ќе го достигне максимумот, доколку нешто радикално не биде преземено на глобално ниво уште отсега.

Постојат и некои позитивни примери на земји кои успеале да ја намалат стапката на губењето на шумите, а истовремено со тоа не го загрозиле својот економски раст или земјоделското производство. Бразил, на пример, последната деценија стапката на обесшумување на Амазонија ја намалил за дури 80 отсто, користејќи сателитски надзор и со подобро спроведување на законите, иако истовремено го зголемил производството на соја и одгледувањето стока, се истакнува во студијата.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП