6 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАУНИЦЕФ обезбедува поддршка за децата што бегаат од насилство и патуваат низ...

УНИЦЕФ обезбедува поддршка за децата што бегаат од насилство и патуваат низ Европа

unicef deca

УНИЦЕФ формираше простор прилагоден за деца опслужуван од мобилна екипа во близина на Гевгелија, кај границата со Грција, со цел да понуди помош и поддршка за жените и децата што мигрираат низ нашата земја.

Просторот прилагоден за деца е формиран во рамките на објектите поставени од страна на УНХЦР за привремен одмор на мигрантите. Мобилна екипа од локалната НВО ЛаСтрада помага во спојување на децата со нивните семејства и во обезбедување на психосоцијална помош на децата и услуги од областа на ран детски развој.

Овој простор нуди безбедно место каде децата можат да се одморат или да си играат додека роднините ги спроведуваат постапките за регистрација. Освен тоа, мобилните екипи вршат и проценки и упатување на деца коишто имаат потреба од специјализирани видови на заштита.

УНИЦЕФ има обезбедено комплети на материјали за играње, учење и цртање. Просторот прилагоден за деца има капацитет да опслужува околу 50 деца истовремено.

Во текот на изминатиов месец бројот на мигранти што транзитираат низ земјава се зголеми до 1.500-2.000 дневно, од кои околу 30 отсто се жени и деца. Голем дел од нив бегаат од судирите во нивните матични земји Сирија, Ирак и Авганистан. Децата-мигранти коишто патуваат сами, без родители или возрасни роднини, се под најголем ризик.

Децата што патуваат на овој начин се префрлани од еден државен орган на друг, се преместуваат на различни места и се изложени на ризик да се најдат во недефинираните или недоречените области во законите и службените постапки и практики во транзитните земји и земјите-домаќини. Се соочуваат со иднина без образование и со ограничен пристап до здравствена заштита и до правосудните органи. Во некои случаи овие деца се лишуваат од слобода и се подложуваат на постапки за гранична контрола кои ги загрозуваат нивните животи.

УНИЦЕФ апелира до надлежните да ги признаат и третираат сите деца-мигранти, без оглед на нивниот правен статус, вера или припадност, првенствено и пред сé како деца со сопствени права, како што е предвидено во Конвенцијата на ОН за правата на детето. Овие деца мора да добијат посебна грижа и внимание, како и недискриминирачка и постојана заштита. УНИЦЕФ продолжува да ја следи состојбата на терен и соработува со надлежните органи со цел да обезбеди заштита за децата.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП