Европската унија (ЕУ) мора да ѝ помогне на Македонија во врска со мигрантската криза, состојбата тука е драматична, а земјата е оставена сама да се справи со големиот број на мигранти, порача австрискиот министер за надворешни работи, Себастијан Курц, по посетата на прифатниот камп за мигранти во Гевгелија.
Австрискиот министер е дециден дека Унијата мора да изнајде заеднички пристап за справување со овој проблем.
„Европската унија конечно мора да погледне и на бегалската рута низ Македонија, а не само на таа во Италија. Долгорочно решение на проблемот е можно само ако се договорат кризните држави. Во секој случај, Австрија ќе помогне и ќе соработува со македонската Влада“, порача Курц.
Тој во посетата на прифатниот камп беше придружуван од страна на министерот за внатрешни работи Митко Чавков, според кого државата, со околу 800 припадници на полициските сили и помош од АРМ, успешно се справила со кризата.
ЕУ мора да помогне затоа што ситуацијата во Македонија е драматична, а земјата е оставена сама да се справува со големиот број мигранти, изјави денеска министерот за надворешни работи на Австрија, Себастијан Курц, кој е во еднодневна посета на Македонија каде со министерот за внатрешни работи, Митко Чавков го посети прифатниот камп за мигранти во Гевгелија.
„Наша примарна цел е хуманиот однос и третман кон мигрантите и нивна заштита во трансферот низ Македонија. Од безбедносен аспект успеавме да ги заштитиме од организирани групи и криминални мрежи кои ги прифаќаа и нелегално ги превезуваа до Србија“, напомена македонскиот министер.