28 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКазахстан доби 1 милијарда долари од Азиската банка за развој

Казахстан доби 1 милијарда долари од Азиската банка за развој

Astana2012_2

Азиската банка за развој (АБР) одобри доделувањето кредит од 1 милијарда долари за Казахстан, за да се стабилизира економијата на земјата, погодена од пониските светски цени на нафтата, пренесоа агенциите.

Казахстан, чија конкурентност во трговијата ослабе во позадина на девалвацијата на валутите во регионот, се откажа од валутниот коридор и воведе лебдечки курс, што доведе до девалвација на домашната валута за 26% во однос на доларот.

Портпаролката на банката, цитирана од „Ројтерс“, посочи дека кредитот бил планиран како дел од соработката со земјата и не е итна мерка.

Заемот од АБР ќе и помогне на Владата да ја модернизира инфраструктурата, да ја одржува програма за отворање на нови работни места, да ги поддржува сиромашни семејства и развојот на приватниот сектор.

Кредитот е за пет години и ќе биде распределен на две транши по 500 милиони долари.

Казахстанскиот претседател Нурсултан Назарбаев вчера соопшти дека со воведувањето на лебдечки девизен курс на централната банка и Владата дејствувале во интерес на извозот. Тој додаде дека цените на нафтата и металите, кои се суштински дел од извозот на земјата, можат да останат ниски уште пет години.

Владата на централноазиската земја очекува порастот на бруто домашниот производ да забави до 1,5% оваа година во однос на 4,3% во 2014-та година.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП