5 мај, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОРаботнички со човек помалку избори реми против Рубин

Работнички со човек помалку избори реми против Рубин

rabotnick

Фудбалерите на Работнички одиграа нерешено 1:1 (0:0) против Рубин Казан во првиот плејоф натпревар за пласман во Лига Европа.

Двата тима на „Филип Втори“ одиграа динамичен меч со многу темпо, а крајниот резултат во целост ги отсликува настаните на теренот.

Карадениз погоди за Рубин во 68.минута, а Работнички израмни преку Ристовски во 84.минута. Успехот на Работнички е уште поголем бидејќи од 54.минута играше со играч помалку поради исклучувањето на Петковиќ.

Реванш натпреварот во Казан ќе се одигра наредниот четврток.

Тек на натпреварот:

Без калкулации со силно темпо двата тима го започнаа мечот, во почетните пет минути прв се закани Работнички преку Илиевски, но неговиот слободен удар заврши во ‘живиот ѕид’.

Првата закана Рубин ја имаше преку Карадениз, но Турчинот не го искористи киксот на Ристевски.

Анене имаше одлична можност во 12.минута, Норвежанецот прими една топка на 25 метри од голот на Рубин, успеа да се ослободи од својот чувар, но неговиот удар кој одеше по средината на голот заврши во голманот Рижиков.

Нов обид од далечина Работнички имаше во 16.минута, Марковски биеше, а неговиот удар заврши крај десниот дирек од голот на Рубин.

Една минута подоцна се истакна голманот на ‘романтичарите’ Божиновски, кој го одбрани ударот на Кунаников од 15 метри.

Во 21.минута сите на „Филип Втори“ бараа пенал,  Алтипармаковски влезе во шеснаесетникот на Рубин, беше фатен ‘сендвич’од двајца противнички дефанзивци, но за унгарскиот судија Вад немаше елементи за најстрога казна.

До финишот на првото полувреме стивна темпото на двете страни, играта се одвиваше меѓу двата шеснаесетника, а во самиот финиш две добри можности пропуштија играчите на Рубин.

Најпрвин искусниот Билјалединов од работ на шеснаесетникот, непречен од никого, биеше крај голот на Работнички, а во последната минута Кануников од 18 метри упати удар во левиот долен агол од голот на Божиновски, но голманот на Работнички успеа да ја одбие топката во корнер.

Второто полувреме стартуваше со иницијатива на Рубин, но првата сериозна закана ја имаше Работнчки. Сиљаноски проби по левата страна, остро нафрли по земја, но Анене задоцни со реакцијата.

Во 54.минута Работнички остана со играч помалку, Петковиќ направи непотребен фаул на средината од теренот и судијата му го покажа вторито жолт картон.

По исклучувањето на Петковиќ, фудбалерите на Рубин целосно ја презедоа контролата врз играта, во 59.минута Билјалединов му го отстапи местото на напаѓачот Портјакин.

Капитенот на рускиот тим, Кузмин се обиде да го изненади Божиновски, но биеше непрецизно, високо над голот на Работнички.

Одбраната на Работнички капитулираше во 68.минута. На десната страна комбинираа Портјакин и Кузмин, капитенот на Рубин нафрли од прва, топката мина низ целата одбрана на Работнички каде ја пречека осамениот Карадениз и ја смести во голот.

По постигнатиот гол фудбалерите на Рубин му ја остапија играта на Работнички и своите шанси ги чекаа од контранапад.

Во 78.минута нововлезениот Батов нафрли од левата страна, а волејот на Кануников го одбрани Божиновски.

Упорноста на Работнчки даде резултат во 84.минута. Најпрвин Алтипармаковски упати добар удар од 20 метри но на патот до голот некој од дефанзивците на Рубин ја исфрли во корнер. По корнерот Алипармаковски ја погоди гредата, а на одбиената топка натрча Ристевски и ја смести зад грбот на Рижиков.

До крајот на мечот ниту еден од тимовите не успеа да создаде посириозна можност за постигнување на гол.

Работнички: Божиновски (од 93.минута Шиковски), Сиљановски, Илиевски, Ристевски, Цикарски, Петровиќ, Вујчиќ, Марковски, Анене (од 86.минута Најдовски), Јовановски (од 70.минута Ристовски), Алтипармаковски Рубин: Рижиков, Кузмин, Квирквелија, Комболов, Котуњо, Герогиев, Билјалединов (од 59.минута Портјакин) Оздоев, Карадениз (од 72.минута Батов), Карлос Едуардо (од 81.минута Кислијак), Кануников.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП