28 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИзгласан ребалансот на Буџетот

Изгласан ребалансот на Буџетот

sobranie

Со гласовите на владејачкото мнозинство во Собранието во четвртокот попладнето беше изгласан ребалансот на Буџетот за тековната 2015 година, со што како што објасни вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, ќе се засили неговата расходна страна во полза на најавените проекти.

Во полза на предложениот ребаланс гласаа  62 пратеници, додека седум беа против, во 123-члениот парламент.

Во образложението на предложениот ребаланс, министерот Зоран Ставрески појасни дека остварувањето на Буџетот за 2015 година во првите седум месеци биле подобри од очекувањата, а прибраните приходи биле повисоки од планираните, па тие со предлогот за ребаланс ќе се пренасочат на расходната страна за спроведување политики, мерки, активности и проекти кои беа најавени.

Сраврески, исто така, нагласи и дека реализацијата на Буџетот на расходната страна се одвивал согласно предивиденото и оти вкупните приходи биле и подобри од минатата 2014 година.

„Во првите седум месеци од годинава остваривме вкупно 92 милијарди и 579 милиони денари приходи во Буџетот, што е за 11 милијарди и 160 милиони денари или за 13,7 отсто повеќе во однос на истиот период минатата година. Ваквата реализација на приходната страна овозможи ликвидноста на Буџетот да биде извонредно добра, да има редовност во плаќањето на обврските кон фирмите и кон корисниците на средства од Буџетот, како и да се релаксираат односите во плаќањето во земјата. Од друга страна, овозможи вишокот средства над планираните да се распореди преку ребалансот, и тоа е причината зошто тој се предлага за разлика од изминатите години кога беше предложуван поради недостиг од приходи во Буџетот“, рече Ставрески.

Според него, кај даночните приходи имало намалување на данокот на додадена вреднсот(ДДВ), меѓутоа додаде дека тоа е компензирано со повисоките приходи од данокот на добивка и акцизите.  Кај данокот на добивка приходите се за 5 милијарди и 142 милиони денари, или за 165 отсто повиоки од 2014 година, а кај приходите од акцизи, чиј износ е милијарда и 981 милион денари, забележано е зголемување за  22 отсто во споредба со лани ,Добри биле, рече Ставрески, и приходите од здравствено и пензиско осигурување.

„Добрите и повисоки приходи и расходите на планираното ниво, го овозможија вишокот средства во Буџетот и предложениот ребаланс“, рече вицепремиерот.

Кога станува збор за расходната страна, Ставрески рече дека во првите седум месеци од годинава, средствата достигнале до 103 милијарди 686 милиони денари и биле во рамки на планираното.

„Редовно се исплаќаа сите буџетски корисници во делот на платите, стоки и услуги, и трансфери во чии рамки се реализираа и предвидените мерки за зголемување на социјалната помош, редовна исплата на пензиите, субвенциите и сл“, рече Ставрески потенцирајќи дека капиталните расходи се предвидени за 1,115 милијарди денари повеќе, со што ќе се интензивираат активности за неколку проекти од приоритетно значење.

Според Ставрески, најголем износ ќе биде издвоен за проектот за гасификација на делницата Клечовце – Штип кој изнесува 370 милиони денари. Дополнителни средства од 377 милиони денари се обезбедени за проширување на сметките за проекти за водоводи и канализации во сите општини. Дополнителни 222 милиони денари има за министерството за образование и наука, и тоа за финансирање на реконструкција и реновирање на училишта.

Предвидени се и дополнителни 60 милиони денари за финансирање на реконтрукцијата на Студентскиот дом „Гоце Делчев“.

„Досега редовно се исплаќаа плати, стоки и услуги, пензии и субвенции и се реализираа сите мерки за зголемување на социјалната помош. Со ребалансот, предвидени се средства за редовна исплата на зголемената социјална помош за 10 отсто, дополнителни средства за исплата на помош за сите ранливи категории, за зголемување на пензиите за пет проценти од октомври, како и за стипендиите“, порача Ставрески.

Владата верува дека со ребалансот се очекува да се задржи буџетскиот дефицит, и да се одржи нивото на јавниот и државниот долг. Во тој контекст предочи дека буџетскиот дефицит е проектиран на 3,5 отсто. За државниот и јавниот долг рече дека земјата останува во зоната на ниско до умерена задолженост со ниво на јавен долг од 43,7 отсто од бруто домашниот производ (БДП), и ниво на државен долг од 36 отсто од БДП-то.

Со ребалансот проекцијата за растот на БДП изнесува 3,5 проценти и е за 0,5 отсто пониска од првично проектираната, а поради сложените услови во кои фунцконираше македонската економија.

„Врз основа на проекциите во ребалансот, се очекува Буџетот да ја одигра својата улога да осигури развојна компонента и да ги заштити сите социјални категории“, заклучи Ставрески.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП