19 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАТуризмот ја зголемува и реалната потрошувачка

Туризмот ја зголемува и реалната потрошувачка

neziri dzambazovski

Претставниците на туристичките здруженија предложија да се направи покомплексна анализа на придобивките од растот на бројот на странски туристи, бидејќи ефектите од туризмот треба да се гледаат и од аспект на реалната потрошувачка на туристите кои доаѓаат во земјава, односно не само уплатените аранжмани или средствата за сместување, туку финансискиот ефект за останатите дејности, кој е барем три пати поголем од она што го покажуваа бројките.

Ова, беше порачано на средбата на министерот за економија Беким Незири со првите луѓе на здруженијата од туристичкото стопанство во Македонија и со директорот на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот, Кристијан Џамбазовски.

„Последните податоци говорат дека во првите шест месеци од 2015 година бележиме зголемување на бројот на туристи за 6,5 отсто, при што особено позитивно е што бројот на странски туристи е зголемен за 11,6 отсто. Тоа секако говори за пораст на посетеноста на Македонија од туристи од странство во текот на целата година, независно од сезоната, што не е случај со домашните туристи, кај кои имаме намалување од 2,9 отсто“, рече министерот Незири.

Сепак, податоците за јуни се далеку под очекувањата, што претставува последица од политичките турбуленции што се случија.

„Затоа ќе треба малку повеќе да се потрудиме за го достигнеме проектираниот раст од 10 отсто во текот на оваа година. Вкупниот туристички раст во јуни е само 1 отсто, а загрижува и податокот што бројот на странски туристи е намален за 2,5 отсто. За среќа, зголемување имаме кај домашните туристи, и тоа за 10,3 отсто, кога обично ги користиме предсезонските одмори. Добрата работа е што овојпат домашните туристи во поголем број се задржаа во нашите летувалишта, наместо да ги изберат странските дестинации“, рече министерот Незири.

Девизниот нето прилив во првиот квартал годинава бележи намалување за разлика од истиот период лани и изнесува 12,83 милиони долари, наспрема 20,33 милиони долари.

Директорот на АППТРМ, Џамбазовски, информираше дека преземените мерки за промоција, веднаш по новонастанатата ситуција, беа насочени токму во земјите од регионот, преку нашите дипломатски претставништва, и благодарение на нив продажбата на аранжманите, и на Македонија како дестинација, остана стабилна, односно падот беше амортизиран.

Учесниците на овој работен состанок упатија и конкретни предлози во делот на дополнување и менување на законската регулатива, од типот на потреба за категоризирање на автобусите за превоз на патници, како и воведување на построги страндарди за хотелите и останатите сместувачки капацитети, вклучувајќи ги и угостителските објекти, а согласно тоа и построги услови за лиценцирањето на туристичките агенции, независно од сезоната.

На средбата беше договорено сите туристички и угостителски здруженија да номинираат свои претставници за учество во една поширока работна група, со цел овие предлози да се канализираат во конкретни предлози за измени на законската регулатива, со што стопанствениците би имале подобра клима за работа и здрава конкурентска деловна средина, а туристичкиот раст би забележувал повисоки резултати и како бројка, но и како финансиски ефект врз економијата.

„Посебно сум задоволен што сите сме свесни дека Македонија има поголем капацитет за развој на туризмот, наспрема тоа што го покажуваат резултатите и што имаме и волја и желба да стигнеме до нашата индикативна цел – до 2020 година учеството на туризмот да достигне 5 проценти во македонскиот БДП, кој во 2013 и 2014 година изнесуваше 2,3 проценти. Тоа е предвизвик за чие остварување имаме потенцијал“, истакна Незири по средбата со туристичките работници.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП