12 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГруевски: Се вложува во патната инфраструктура во Западна Македонија

Груевски: Се вложува во патната инфраструктура во Западна Македонија

gr debar

Речиси нема место во западна Македонија во коешто како влада немаме инвестирано, како наш влог за за подобар живот на граѓаните, но и за поддршка на локалната економија и туризмот во овој регион, рече во премиерот Никола Груевски, при посетата на Реканско-дебарскиот крај.

Премиерот Груевски го означи почетокот на реконструкцијата на регионалниот пат Ново Село – Маврово во должина од 11 километри за кој ќе бидат инвестирани 2,5 милиони евра. Градежните работи се очекува да завршат за околу една година, а по завршувањето на оваа прва фаза, планирана е и реконструкција и рехабилитација на патот преку Маврово кон Жировница и Дебар. Целокупната инвестиција на овој проект се проценува на осум милиони евра, а должината на целиот пат којшто ќе биде реконструиран е 20 километри

Според Груевски, овој пат е најкористениот кон Маврово и кон населените места од дебарскиот и реканскиот крај. Нагласи дека реконструкцијата на патот било едно од најчестите барања на граѓаните и оти со оваа реконструкција ќе се исполни уште едно од дадените ветувања на Владата.

„Ова е уште еден проект за западниот дел на Македонија. Ако се има предвид дека во изминатиот период го направивме патот Струга – Дебар, во моментот се прави автопатот Кичево – Охрид, а почнуваме да го реконструираме и патот Маврово – Дебар, тоа значи дека работиме на сите најважни регионални правци во западна Македонија. Ако на тоа се додаде фактот дека во изминатите години имаме направено и реконструирано преку 70 локални патни правци во општините од западна Македонија, станува јасно дека скоро и да нема место во овој регион во кој немаме инвестирано за изградба на патишта. Тоа е нашиот влог“, рече Груевски.

Осврнувајќи се на реализираните проекти во овој крај каде претежно живеат Македонци муслимани, премиерот посочи дека во изминатиот период е направен и патот до селото Сенце, патот Требиште – Велебрдо, патот до Нистрово, а е направен и патот од браната на Мавровско езеро до Маврови Анови. Груевски истакна дека во јули беше пуштена во употреба и новата патека покрај Мавровското езеро, што е чекор напред кон промоција и развој на туризмот во мавровскиот регион.

Министерот за транспорт и врски, Владо Мисајловски, пак, се задржа на развојот на овој регион, истакнувајќи дека тој е во „фокусот на Владата и дека инвестициите во патната инфраструктура, не само што влијаат на подобрување на комуникацијата меѓу граѓаните, туку се и многу значаен дел за развојот на економијата“. Најави притоа дека наскоро ќе започне рехабилитацијата на мостот пред Стража, во износ од 33 милиони денари, како и со реконструкција на регионалниот пат Мелнички мост – Центар Жупа. Во текот на оваа година ќе биде изработен и проект за изградба на нов регионален пат Граски мост – Извор во должина од 20 километри, инвестиција која се проценува на повеќе од 20 милиони евра.

„Генерално во изминатиот период и овој што следи во рамки на проектите од Програмата на Владата опфатена е реконструција на околу 100 километри патна мрежа во овој регион или инвестиција во вредност од над 50 милиони евра. Тоа само ја покажува нашата посветеност во рамномерниот развој на патната инфраструктура во земјава“, нагласи министерот Мисајловски.

Градоначалникот на Маврово-Ростуше, Мукрем Мехмеди, оцени дека посетата на премиерот Груевски е потврда дека Владата „не бега од отчетноста и потврда за неговата посветеност кон оваа општина која е сублимат на домаќинско печалбарски семејства и негово залагање за реализација на ветените проекти.“

Посочи дека во оваа општина изминатата година е реконструиран и водоводот во Ростуше, а во делот на образованието и спортот е изградена новата гимназија и новата спортска сала во Ростуше, ново повеќенаменско спортско игралиште во Никифорово. Во следниот период ќе се гради и спортска сала во Скудриње, како и нови тениски терени во Мавровски Анови.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП