15 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСметката на „Макпетрол“ не е одблокирана, судот дополнително ќе одлучи

Сметката на „Макпетрол“ не е одблокирана, судот дополнително ќе одлучи

sud 1 skopje

Сметката на „Макпетрол“ не е одблокирана, судот дополнително треба да одлучува по предлогот на Јавното обвинителство, реагираат од Основниот суд Скопје 1.

„Ја информираме јавноста дека од страна на Јавното обвинителство доставен е одговор на жалба против донесеното решение на судија на претходна постапка за обезбедување на имотот и за привремено запирање на извршување определени финансиски трансакции, во кој одговор се предлага жалбата по однос на опстојувањето на изречената мерка – забрана за подигнување парични средства од сметките во повеќе банки, од обжаленото решение да биде уважена и решението на судијата на претходна постапка по однос на оваа точка да биде укинато. Судот по однос на наводите наведени во жалбата на Макпетрол АД и по наводите во одговорот на жалбата на ОЈО, дополнително ќе одлучува при што сеуште не е донесена судска одлука дали сметката ќе биде одблокирана по повод жалбата. Исто така, до судија на претходна постапка, доставен е предлог за следење на платниот промет и трансакциите на сметките на Макпетрол АД Скопје, по кој дополнително судијата на претходна постапка треба да одлучи“, реагираат од Основниот суд Скопје 1.

Од судот објаснуваат дека, со цел запознавање на јавноста со законската норма според која Судот треба да постапи, пред почетокот и во текот на истражната постапка одлука по барањето на јавен обвинител донесува судијата на претходната постапка, а по подигањето на обвинението, судот пред кој ќе се одржи претресот.

Судијата на претходна постапка одлучува по барањето на јавниот обвинител веднаш, а најдоцна во рок од 12 часа од приемот на барањето. Ако судијата на претходна постапка не го прифати барањето на јавниот обвинител без одлагање ќе побара одлука да донесе советот што е задолжен да одлучува по жалби против одлуки на судии на претходна постапка и против други решенија.

Доколку Основниот суд Скопје 1 го прифати овој предлог и ја уважи жалбата, Макпетрол ќе може слободно да набавува деривати и да ги испорачува до своите клиенти, со што би се отстранила заканата од реални проблеми во енергетскиот сектор.

Сметката на Макпетрол беше блокирана, откако обвинителство по поднесената кривична пријава против раководни лица од Макпетрол АД побара запирање на извршување определени финансиски трансакции, што беше усвоено од судијата.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП