5 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАРКЕ: Конкуренцијата може да го надомести отсуството на Макпетрол

РКЕ: Конкуренцијата може да го надомести отсуството на Макпетрол

pumpa 333

Пазарот со нафтени деривати и со природен гас во Македонија е либерализиран и отсуството на еден или повеќе трговци може да биде надополнето со останатите трговци кои поседуваат лиценци.

Ова се наведува во известувањето на Регулаторната комисија за енергетика за состојбите поврзани со снабдувањето со нафта и нафтени деривати и снабдувањето со природен гас од страна на Макпетрол АД Скопје.

„Со оглед на тоа што, на пазарот со нафта и нафтени деривати има присутно повеќе учесници, односно вршители на енергетски дејности, конкуренцијата ќе овозможи понудата соодветно да одговара на побарувачката, и со тоа состојбата во овој сектор да биде стабилна“, се вели во извесувањето.

Притоа се појаснува дека согласно Законот за енергетика, лиценци се издаваат само за дејноста Трговија на големо со нафта и нафтени дериват, додека дејноста Трговија на мало со нафтени деривати или продажба на нафтени деривати од бензински станици, не е лиценцирана дејност и не е во надлежност на Регулаторната комисија за енергетика.

На територијата на Република Македонија има вкупно 280 бензински станици, од кои 124 се во сопственост на Макпетрол АД Скопје.

Досега од страна на Регулаторната комисија за енергетика издадени се 49 лиценци од областа на нафтата и нафтени деривати, од кои 34 од нив се однесуваат на дејноста Трговија на големо со нафта и нафтени деривати.

„Со ваквата поставеност, пазарот со нафта и нафтени деривати е либерализиран, односно овозможено е учество на повеќе учесници на пазарот и се создадени услови за поголема конкуренција на истиот“, се вели во соопштението.

Пазарот со природен гас, исто како и пазарот со нафта и нафтени деривати е либерализиран.

РКЕ досега има издадено 29 лиценци од областа на природниот гас, од кои 15 од нив се однесуваат на дејноста Трговија со природен гас.

Оваа бројка јасно кажува дека и во услови на не целосно експлоатиран гасоводен систем, заинтересираноста за вршење на оваа дејност е голема, велат Регулаторите.

„Отсуството на еден од трговците со природен гас, може да го надополнат другите трговци со природен гас, кои во такви услови ќе настапат на пазарот“, се вели во соопштението.

Кај дел од јавноста се појави загриженост дека блокадата на сметките на Макпетрол може да предизвика енергетска криза во државата.

Најголемиот снабдувач со нафта и нафтени деривати ОКТА соопшти дека времено ќе го суспендира снабдување на Макпетрол, додека не биде нормализирана состојбата со банкарската сметка на компанијата.

Судот ја замрзна сметката на Макпетрол по барање на Обвинителството кое отвори истрага по кривичната пријава на МВР против менаџментот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП