18 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНовата владина програма за рурален развој предвидува речиси 40 милиони евра

Новата владина програма за рурален развој предвидува речиси 40 милиони евра

tocka

Со новата програма на Владата се предвидени вкупно 39 милиони евра, што е двојно повеќе од претходната, со кои ќе се финансираат реализацијата на 221 проект во 81 општина, изјави во понеделникот премиерот Никола Груевски при неговата посета на Берово и истакна дека станува збор за еден од поважните проекти на неговиот кабинет.

„Во минатото имавме многу инвестиции во овој сегмент, а сега со новата Програма очекуваме уште повеќе инвестиции во многу општини. Во 81 општина доделени се решенија чија што вредност е околу 39 милиони евра, со коишто ќе се направат 221 проект. Тие се од различна природа, но се однесуваат само на руралните средини, претежно на помали населени места“, рече премиерот Никола Груевски.

Истакна дека станува збор за патишта со локално и регионално значење, поправка на улиците во самите села и гратчиња, водоводи, канализациски мрежи, паркови, плоштади.

„Се работи за исклучително корисна програма која ќе се реализира во текот на наредната година“, појасни Груевски .

Според него, практично се доделени решенија на речиси сите општини за рурален развој, како што истакна, без оглед на партиската припадност на градоначалниците, а предвид биле земени и понудените проекти.

„Сите градоначалници кои што се подготвени со проекти, добија можност да користат средства од страна на Владата за изградба на различни проекти во нивните општини во вредност од 39 милиони евра. Оваа програма е одлична можност и шанса за помалите општини да изградат патчиња, водоводи, канализациски мрежи, паркови и сeто друго што им е потребно и е од значење за квалитетот на живот на луѓето кои живеат таму“, нагласи Груевски.

Целта на споменатата програма е да се зголеми квалитетот на животот на граѓаните во руралните средини и помалите населени места, затоа што општините каде што тие гравитираат најчесто немаат силни буџети и немаат можност да ги исфинансираат овие работи поради што Владата им нуди директна помош, појасни премиерот Груевски.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП