Индустриското производство во Унгарија во јуни порасна за 11 отсто на годишно ниво, соопшти Заводот за статистика во Будимпешта.
Aвтомобилскиот сектор беше клучниот мотор на растот на целата индустрија со раст во производството од 21,2 проценти на годишно ниво, се наведува во извештајот на Заводот.
Производството на компјутери, електроника и оптичка опрема порасна за 12 отсто, производството на гуми за 22,7 посто, фармацевтските производи забележаа раст од 14,1 oтсто, а храната од три проценти.
Два фактори влијаеа на растот на индустриското производство во јуни, изјави државниот секретар на унгарското Министерство за економија, Бела Глатфелдер.
Еден е тоа што компаниите во индустријата подобро ги користеле постоечките капацитети со изградбата на нови, а другиот е силната странска побарувачка на автомобили кои се произведени во Унгарија, од што корист имаа и секторите за производство на електроника и гуми.
Во Унгарија свои фабрики за производство на автомобили имаат „Audi“, „Mercedes“ и „Suzuki“, а јапонската компанија во март отвори нов погон за производство на „Vitara“.
Минатата година нето вредноста на автомобилската индустрија во Унгарија изнесуваше 6.651 милијарди форинти (21,5 милијарди евра), што е пораст од 23 отсто во однос на 2013-та година, покажува официјалната статистика.
Автомобилската индустрија учествува со 25 проценти од вкупниот унгарски извоз, а 93 отсто од целото производство на возила и автомобилска опрема се наменети за извоз, од кои половина заминуваат во Германија.