3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМеркел: Има простор за ублажување на грчкиот долг, но без отпис

Меркел: Има простор за ублажување на грчкиот долг, но без отпис

ang

Разговорите во Брисел покажаа нов квалитет во работата на грчката влада во споредба со претходните месеци, изјави германската канцеларка Ангела Меркел во интервјуто за германската телевизија ZDF емитувано во неделата и притоа дозволи ублажување на должничкиот товар за Грција, но и натаму останува против класичното отпишување на долгот.

„Резултатите од преговорите (меѓу Атина и Еврогрупата во петокот – з.м) дојдоа поради тоа што грчката влада работеше сосема поинаку отколку претходните месеци“, изјави Ангела Меркел. Германската канцеларка притоа додаде дека Атина конечнo ја признала „неопходноста од реформите“, како и дека сега „постојат одредени надежи“ во врска со решавањето на грчката должничка криза.

Во петокот на состанокот на советот на министрите за финансии на земјите членки на еврозоната им беше препорачано на националните парламенти на земјите од ЕУ да го ратификуваат почетокот на преговорите за третиот пакет меѓународна финансиска помош за Грција во износ од 86 милијарди евра. Програмата предвидува нови долгорочни мерки за штедења, како спречување на даночната евазија, зголемување на даноците во одредени сектори, реформа на пензискиот и здравствениот систем…

Германскиот Бундестаг, чие изјаснување во Европа се очекува со нетрпение, ќе гласа во среда. Дел од германските пратеници изразија недоверба кон новата програма за помош на Грција, особено доколку во неа не учествува ММФ.

Германската канцеларка во интервјуто за ZDF го поддржа ублажувањето на грчкиот долг поради стравувањата дека е неодржлив, но се противи на неговиот отпис.

„Кога станува збор за каматните стапки и роковите на доспевање на кредитите, сé уште постои простор за дејствување“, продолжи Меркел во врска со барањата за ново отпишување на дел од грчкиот долг. Ги отфрли, меѓутоа, повиците дел од долгот да биде отпишан,

Изрази уверување, исто така, дека Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ќе учествува новата програма за заем за Грција. Нагласи дека e сигурна оти челничката на ММФ, Кристин Лагард ќе го обезбеди учеството на фондот, доколку бидат исполнети условите реформите на грчкиот пензиски систем и ублажувањето на долгот.

„Г-ѓа Лагард, челничката на ММФ, јасно рече дека, доколку условите бидат исполнети, ќе му предложи на управниот одбор на ММФ, фондот да учествува во програмата од октомври. Не се сомневам дека г-ѓа Лагард ќе го оствари она што го кажа“, рече Меркел.

Шефицата на германската влада, исто така, истакна дека постигнатиот договор за Грција во голема мера е благодарение на нејзиниот министер за финансии Волфганг Шојбле, со кого инаку имаа недоразбирање во вреска со можноста Атина да ја напушти еврозоната, на што беше наклонет вториот.

На прашањето дали мисли дека жестоката позиција на Берлин кон Атина, може да му наштети на имиџот на Германија, Меркел одговори „Ние добивме многу голема поддршка“, од земјите како Ирска и Португалија, кои исто така со години се во тешка финансиска состојба.

Според процената на германската канцеларка, проблемот со илегалната имиграција и бегалците во текот на наредните неколку години ќе претставува поголем предизвик за Европската унија, отколку ситуацијата во Грција и стабилноста на еврото.

Меркел притоа, ја истакна потребата да се постигнат единствени правила по прашањето за прием на бегалците на територија ЕУ. Смета и дека е важно да се направи листа на ткн „сигурни“ земји, со цел што побрзо да бидат разгледувани барањата за азил и нивните државјани да бидат депортирани во татковините.

Претходно во неделата германскиот министер за надворешни работи Валтер Штајнмаер во интервјуто за весникот Bild рече дека побарал забрзување на депортацијата од земјата на нелегалните имигранти од земјите од Западен Балкан.

Штајнмаер притоа истакна дека Албанија, Косово и Македонија бараат интегрирање со Европската унија, и признавањето на овие земји како сигурни во однос на почитувањето на човековите права, може да придонесе за решавањето на проблемот со нелегалната имиграција.

Меркел во врска со ова прашање посочи дека разгледувањето на барањата честопати трае предолго поради недостиг од кадар. „Треба да се обидеме да ги мобилизираме сите наши човечки ресурси“, смеа германската канцеларка.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП