20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКлиматските промени гo зголемуваат ризикот од глобален недостиг од храна

Климатските промени гo зголемуваат ризикот од глобален недостиг од храна

климатски

Климатските промени трократно ќе го зголемат ризикот од глобалниот недостиг од храна, а меѓународната заедница треба да се подготви за ценовни шокови за да ги спречи граѓанските немири, се наведува во заедничката американско-британска студија објавена во петокот.

Катастрофалните шокови на пазарот на храната, вклучително и големите недостатоци, зголемувањето на цените и нестабилноста на пазарите, до средината на овој век ќе бидат трипати поверојатни отколку што се сметаше досега, објави во петокот Работната група за екстремните временски услови и отпорноста на глобалниот прехранбен систем.

Бидејќи светската популација до 2050 година ќе се зголеми на 9 милијарди луѓе, производството на храната треба да порасне за 60 отсто, за да се спречат граѓанските безредија поради недостигот од храна предизвикан од климатските промени.

„Климата се менува и климатските рекорди се уриваат речиси секојдневно. Ризиците од климатската катастрофа се сé поголем, а таквиот развој на настаните би можел според својот обем да биде досега без преседан“, напиша во извештајот Дејвид Кинг, специјалниот советник за климатските промени во британското министерство за надворешни работи.

Глобализацијата и новите технологии придонеле за ефикасноста на глобалниот прехранбен систем, меѓутоа тие го направиле и многу поранлив кога станува збор за ризиците, смета Кинг.

Во извештајот, исто така, се истакнува дека меѓу најголемите ризици се зголемувањата на цените на нафтата кое би довело до зголемување на цената на храната, потоа намалените извозни капацитети на Бразил, САД и регионот околу Црното Море поради слабоста на инфраструктурата, како и падот на вредноста на американскиот долар, што, исто така, би поттикнало зголемување на цените на храната на глобалниот пазар.

Екстремните временски услови најмногу би можеле да влијаат врз производството на храната во Северна и во Јужна Америка, како и во Азија, на континентите на коишто се однесува најголемиот дел од производството на четирите главни житарки – пченката, пченицата, оризот и сојата.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП