3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНамалените американски залихи ја кренаа цената на нафтата

Намалените американски залихи ја кренаа цената на нафтата

nafta 35

Цената на нафтата порасна денеска на светските берзи со оглед дека намалените американски залихи и оптимистичките прогнози за глобалната потрошувачка ја потиснаа загриженоста поради прекумерното снабдување.

На лондонската берза цената на барел сирова нафта порасна за 60 центи во однос на претхоното затворање, на 50,26 долари. На американската берза барелот се продава по речиси непроменета цена, од 43,5 долари.

Во фокусот на пазарот денеска се најде падот на залихите на сирова нафта и бензин во САД во минатата недела. Според вчера објавените податоци, залихите на сирова нафта се намалија за 1,7 милиони барели, а залихите на бензин за 1,3 милиони барели.

Податоците сигнализираа силна побарувачка во САД, најголемиот потрошувач на нафта на светот.

Дополнително цената на нафтата ја поттикна намалувањето на курсот на доларот кон кошничката валути. Иако, зелената банкнота закрепна во четвртокот, во средата се спушти на најниско ниво за последниот месец.

„Движењето на цената на нафтата може силно да се поврзе со движењето на курсот на доларот“, толкува аналитичарот, Бјорн Шилдроп од компанијата СЕБ од Осло. „Тоа по мое мислење е силен придвижувач“, вели аналитичарот.

Дополнителна поддршка на нафтените пазари пристигна од прогнозата на IEA според која побарувачката за нафта оваа година треба да расте 200 илјади барели дневно повеќе од претходните проценки, односно 1,6 милиони барели на ден, што би бил најсилен раст за пет години.

Во ваков амбиент загриженоста за прекумерното снабдување падна во втор план. Според проценките на аналитичарите, моментно во светот се произведува околу три милиони барели дневно повеќе од потребното.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП